Капитенот на Металург, Наумче Мојсовски, е сѐ поблиску до враќањето на теренот откако во декември минатата година ги скина предните вкрстени лигаменти на коленото.
– В среда ќе ја имам, се надевам, последната контрола кај д-р Шенк во Австрија, на која чекам зелено светло за да почнам да тренирам. Според мене и според тоа како се чувствувам, се надевам дека откако ќе се вратам од Австрија, ќе почнам со лесни тренинзи. Рехабилитацијата помина многу подобро од очекуваното. Немам проблеми, немам болки, па се надевам дека за брзо време ќе се вратам во форма и ќе бидам дел од екипата, а ако даде господ и на завршниот турнир во Келн – изјави Мојсовски за „Нова Македонија“.
Тој не ја исклучи можноста да биде дел од тимот во првенството, како и во бараж-дуелите со Грција за пласман на Светското првенство во Катар, во јануари в година. Тие средби се на 7 и на 15 јуни.
Мојсовски во декември минатата година, на меч од Регионалната лига против Вардар, ги скина предните вкрстени лигаменти на коленото, по што беше опериран кај д-р Шенк во Австрија. Тогаш му беше предвидена шестмесечна рехабилитација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


