Започнува навивачката еуфорија. Денеска македонските ракометари го имаат првиот меч во рамките на 23.Светско првенство во ракомет. Групата Б ќе ги започне натпреварите во Севиља со денешниот дуел Македонија – Чиле. Почетокот на натпреварот е во 15 часот и 45 минути.
За нашата репрезентација која по повеќе од 20 часа патување во четвртокот преморена стигна во Севиља ќе биде и прва средба со салата (несметајќи го процесот на акредирирање), бидејќи во текот на вчерашниот ден нашите ракометари во терминот на утринскиот тренинг се сместуваа во хотелот за репрезентациите, а попладнето тренираа во салата за тренинзи „Пино Монтато“. Селекторот Звонко Шундовски одработе полесен тренинг во пресрет на дуелот со аутсајдерот во групата селекција на Чиле. Инаку, противникот на македонските ракометари веќе неколку денови се наоѓа во Шпанија.
Од зборовите на двајцата македонски физеотерапевти, кои имаа најмногу работа, играчите се подготвени за натпреварот со Чиле.
Првиот противник на Македонија, репрезентацијата на Чиле ќе го има второто учество на Светските првенства откако на ПАНАМ (шампионат на двете Америки) го освои 3.место. На првото учество пред две години Чиле го освои 22.место. Во составот на оваа јужноамериканска репрезентација нема да настапи нивниот најдобар играч Марко Онето поради повреда на коленото. Онето е член на унгарскиот шампион Веспрем.
Покрај натпреварот Македонија – Чиле во рамките на групата Б ќе се одиграат и натпреварите Исланд – Русија (почеток 18 часот) и Данска – Катар (почеток 20:15 часот)
Во комплетната листа на првото коло играат:
А група (Гранољерс): Германија – Бразил, Аргентина – Црна Гора и Франција – Тунис.
Б група (Севиља): Македонија – Чиле, Исланд – Русија и Данска – Катар.
Ц група (Сарагоса): Србија – Јужна Кореја, Словенија – Саудиска Арабија и Полска – Белорусија.
Д група (Мадрид): Хрватска – Австралија и Унгарија – Египет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


