| четврток, 6 декември 2018 |

Кој му ја „скрши кичмата“ на Заев?

Колумнист: Ненад Мирчевски

Колумнист:
Ненад Мирчевски

Почетокот на изборната кампања на СДСМ, со која се најавуваше „отворање на процесот на промени“, се претвори во самоуништувачки процес на најголемата опозициска партија во државата и тоа по вина на своето раководство на чело со лидерот. Првото големо непријатно изненадување минатата недела беше случајот со скандалозните пораки на Заев испратени до лидерот на ДПА, Мендух Тачи, а потоа следуваше уште едно со објавувањето на изборните листи од кои изостанаа имињата на членовите на партискиот врв.

Дали пораките што ги обелодени Тачи, конечно, ја затворија дилемата за кредибилитетот на опозицискиот лидер што претендира на премиерската позиција? Заев не се ни обиде да ја демантира содржината од дописката во која „идниот македонски премиер“ моли за разговор и за политички договор. По ова, им стана јасно на сите, па дури и на тие на Бихаќка, што мислеше нивниот претседател кога зборуваше за „свиткана кичма“. Ако ова е стилот на кој функционира опозицискиот лидер (со поддршка од надвор) и разговара со претседател на помала партија, реално е да се постави прашањето каков пристап ќе има како премиер во ситуации во кои ќе се разговара за многу важни државни прашања како што се спорот за името, добрососедските односи со Бугарија, барањата за менувањето на Уставот и за консензуален претседател што претставува почеток на федерализација на државата…

Дали очајничкиот обид да се спаси СДСМ од изборен дебакл беше вистинската причина што раководството на партијата се скри од изборно соочување со конкурентите за власт знаат само на Бихаќка, а можеби ни таму, со оглед на изненаденоста од имињата на изборните листи, која беше очигледна дури и кај членовите на СДСМ. Во право е господинот Пендаровски кога вели дека на Македонија ѝ се потребни нови луѓе. Да, нови луѓе со нови и свежи идеи ѝ се потребни на секоја земја и на секоја партија што искрено посакува напредок, но голем дел од тие имиња што ги понуди СДСМ не се ниту нови, ниту надежни… Уште помалку афирмирани.

Ако понудените имиња на листите биле најaфирмираните личности од СДСМ зошто тие не ја раководат опозицијата? Партиските делегати лани му укажаа доверба на Заев сметајќи го за „најдобро решение за излез од кризата на партијата“. Зошто сега, партискиот врв и истиот тој Заев со своите имиња и кредибилитет не му се понудат на македонскиот народ како најдобро решение за „спас од кризата во која се наоѓа државата“? Како планира Заев да стане премиер на државата без директно да ја провери довербата кај граѓаните, кои утре ќе треба да ги застапува? Која е функцијата на партискиот лидер и на неговите најблиски соработници ако не да бидат предводници во смената на власта?

Сите овие сомнежи и обвинувања ќе паднеа во вода ако Заев одиграше лидерски и поднесеше оставка на градоначалничката позиција. Тој потег ќе ги охрабреше неговите сопартијци и ќе им покажеше дека нивниот лидер, навистина, е убеден во победа. Вака, додека ги жртвува функциите на неговите колеги, тој си сочува сигурна фотелја, која ќе го чека во Струмица и по речиси сигурниот изборен пораз.

Идејата за нови лица во СДСМ е нешто што е повеќе од потребно и што го очекува народот да го види веќе осум години. Но, ако искрено се посакуваат такви внатрепартиски реформи, потребно е да се фати работата од корен, како што направи ВМРО-ДПМНЕ по изборниот пораз во 2002 година.

Народот го знае тоа и токму затоа оправдувањата на СДСМ тешко минуваат кај граѓаните. Повеќе од очигледно е дека станува збор за страв од соочување и бегање од преземање одговорност за нов срамен пораз. Прашањето е во моментов од кого се плаши повеќе Заев? Од членството на СДСМ, од ВМРО-ДПМНЕ или од народот?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top