
Колумнист:
Драган Таневски
Ги знаеш оние лимон табиет ликови? Кисели у фаца, кисели у муабет, кисели у душа. Со што се хранат бе више аман. Јас ги викам демотиватори. Како зошто, па успеваат некако да те деполаризираат и да ти го скиселат денот. И добар дел од наредниот. Ти одзимаат мотивација за дишење. Ќе ти сервираат некој коктел од мрак и рицинус, па не знаеш дали да идеш да купиш кило мишомор и да си ги скратиш маките или да трчаш у првото ВЦ. Во секој случај остатокот од денот ти е гарантирано упропастен. Добро, како па мене секогаш ќе ме сретне некој таков и тоа баш кога најпозитивно вибрирам. Што мислиш, да не имаат они некој радар за позитивен набој или па некој инфраред скенер уграден во ретината? Или онака, едноставно решиле да си се забављаат одземајќи ни го оптимизмот, не дека им треба оптимизам на нив, ехеее они од кога раскрстиле со него. Или по дифолт мрчењето им е императив. Баш се некако анти-кул овие ликови. Викаш да ги избегнам. Е ај кажи како? Да научам нови правила на понашање и да им кажам у фаца дека ми ја одзимаат енергијата и дека нејќам да постојам на иста планета со нив? Кај знам јас тоа да го кажам, не ме смеј. Него, си ја прифатив улогата на жртва и само гледам да не се деси колатерална штета па и јас на некого да му бидам после антикул. Фино си укључувам онлајн шах и си се фрустрирам виртуелно. Неее, не дај Боже јас да идам у такво дегенерирано стање и да демотивирам невини жртви, па поготово фамилија, жена, деца. Еден постар скопски голубар стално ми викаше – Батка, абе ќути и свиркај си. Што да си свиркам бе Бошко, посмртен марш? Пошто само тоа ми се свирка у тие моменти. Е, сиромав Бошко, пред некоја година, гледајќи нагоре по голубите го прегази градски автобус. Како не го виде бе мајсторе толкаво човечиште, и плус свиркаше по голубите и мафташе со тоа прачката со врзано крпче. Остај, бидна тоа.
Туку сега, замисли си еден остар контраст помеѓу овие лимон табиет демотиватори и нивниот антагонист, неговото височество – АНИМАТОР. Ааа, си се прашувал ли некад кај им е на овие уграден реакторот? Радијантни, какви што ги дал Универзумот, делуваат како антиматерија за се што е негативно. Абе го голтаат мракот и го претвараат во светлина. Можеш да им кажеш дека астероид ќе не преполови за 24 часа, они и тоа ќе го свртат на смешка. Не ги викаат за џабе аниматори, зборот анима на латински значи душа. Така е, тие на големо раздаваат животна сила и оптимизам. И тоа не поминува незабележано. Си приметил како секоја врата им е отворена? Кај не ги сееш, таму ќе никнат. Ќе ги видиш во друштво и на просјаци и на кралеви. Од проста причина што нивното друштво е пријатно и вкусно како буковец на ќебапче. Како цимет на сутлијаш. Неуништиви се. Отпорен им е генот на гама зрачења.
Тие се ликовите со кои сакам да ја делам планетава.
Нив ги бирам во својот потесен дијаметар.
Со нив секогаш победувам у баскет.
А ти, во кој од овие два лика се препозна?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


