| четврток, 6 декември 2018 |

Во МАНУ отворена изложбата „Историјата на словенските престолнини низ државните архиви“

Во Македонската академија на науките и на уметностите денеска министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска ја отвори изложбата „Историјата на словенските престолнини низ државните архиви“, која е резултат на успешната работа на Форумот на словенските култури, кој веќе 10 години ги негува културните традиции на словенските народи и ги промовира како трајни и универзални вредности во глобални рамки.

-Форумот на словенските култури е влијателна меѓународна фондација која со својот авторитет веќе една деценија ја анимира словенската интектуална и политичка елита, како и медиумите и преку своите проекти и активности, оваа организација обезбедува фрекфентна комуникација на словенската и другите култури. Токму затоа уште на почетокот, како претседател на Управниот одбор на Форумот би сакала да го потенцирам значењето на оваа фондација како и придонесот на  Република Македонија, која е една од земјите-основачи на Форумот и која активно придонесува во унапредувањето на меѓукултурниот дијалог и врските меѓу словенските народи. Во изминатите години нашата држава партиципираше во сите активности на фондацијата и инициравме голем број на проекти со кои  ја продлабочивме меѓународната соработка и остваривме размена на многу искуства.Во овој контекст би сакала да го изразам моето уверување дека Република Македонија и во периодот кој следува ќе настојува да ја зајакне улогата на фондацијата и со заеднички ангажман на сите земји членки верувам дека ќе го позиционираме Форумот во листата на најрелеватни меѓународни асоцијации, истакна Канческа-Милевска.

Изложбата „Словенските главни градови во 2Д“ беше презентирана во седиштето на УНЕСКО во Париз, како и во Цетиње, Црна Гора, на министерскиот состанок на Форумот на словенските култури.

-Државниот архив на Македонија заедно со историските архиви од Белград, Љубљана, Киев, Братислава, Минск, Москва, Прага, Сараево, Софија, Варшава и Цетиње преку оваа изложба ни ја претстави прекрасната духовна и материјална вистина за развојот на словенската цивилизација. Во изложбата се содржани најразлични типови и форми на пишувана меморија, од најстари ракописи, мапи и планови, фотографии, постери, важни снимки, до современи дигитални документи кои како важни историски секвенци сведочат за богатото културно наследство и повеќеслојната историја и традиција на 13-те словенски престолнини Скопје, Белград, Братислава, Минск, Цетиње, Москва, Софија, Киев, Прага, Варшава, Љубљана, Сараево и Загреб, истакна министерката Канческа Милевска.

Со претставувањето на оваа изложба во нашата држава,  започнува одбележувањето на големиот јубилеј, 10 години од постоењето на „Форумот на словенските култури“. Оваа година, Форумот и сите негови членки ќе реализираат бројни проекти со кои ќе се одбележи децениското постоење на ова еминетно меѓународно тело. Во програмата ќе бидат застапени културни содржини преку кои посетителите ќе можат подобро да се запознаат со разновидноста и посебноста на словенските култури. Јубилејното чествување ќе продолжи со заедничката изложба на земјите-членки на Форумот насловена како „Словенските карневали“, која ќе биде претставена во седиштето на УНЕСКО во Париз во рамките на традиционалното одбележување на Денот на словенската култура, а потоа Република Македонија ќе биде првиот домаќин кој ќе ја преземе оваа значајна изложба на нашето заедничко нематеријално културно наследство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top