Министрите за финансии и гувернерите на централните банки од земјите од Г-20 си ветија дека нема да манипулираат со своите валути со цел да ги направат конкурентно поспособни. Г-20 на крајот на дводневната средба во Москва прифати заедничко коминике, што соддржи ветувања дека државите од групата ќе се „воздржат од конкурентно обесценување на валутите“ и ќе се „спротивстават на сите форми на протекционизам“.
Рускиот министер за финансии Антон Силванов по потпишувањето на коминикето изјави дека земјите од Г-20 се согласиле дека е неопходно да се фокусираат врз засилување на економскиот раст, а не врз „манипулирање на пазарите“.
Некои инвеститори и политичари се загрижени од активностите на Јапонија, која е обвинувана дека се стреми кон намалување на вредноста на јенот за да ја стимулира својата економија и да стекне предност пред другите земји.
Ако премногу држави се обидуваат да ја девалвираат својата валута со цел да извлечат економска добивка, распалувајќи „валутна војна“, тоа може да ја поткопа кревката глобална обнова.
Во коминикето на Г-20 Јапонија не беше изрично спомената, ниту ефектот од нејзините актвиности, забележаа американските медиуми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.