Овие денови е многу убаво да си Македонец! Тие денеска направија секој Балканец или како што на Запад велат „граѓанин од втор ред“ да се чувствува посебно, исполнето, гордо! Ракометарите на Вардар и Металург им покажаа на колегите од Хамбург и од Колдинг дека со пари не може да се купи баш сѐ и дека тие не се баш најпаметни, најдобри, најубави…, а во исто време јасно покажаа кој е втор, пишува црногорскиот спортски портал хендбалме.ме.
Во продолжение на коментарот се вели:
Македонските клубови вечерва потсетија на деновите кога некогашниот гигант Металопластика растураше низ Европа. Што повеќе гледаме во резултатот од Хамбург, тоа повеќе не можеме да поверуваме – па „мал“ клуб од ридестиот Балкан го елиминираше ХСВ, додека другиот (Металург) во два меча го прегази Колдинг. Тоа во најава не можеше да се случи ни случајно. Беше задоволство да се гледаат вашите два ракометни клуба кои верувале или не се од доста сиромашна земја, а сега се наоѓаат меѓу осумте најдобри на стариот континент. Освен што им одржавте лекција на Скандинавците и на Германците, дадовте насока на сите во регионот по кој пат треба да се оди за да се направи тоа за што многумина сонуваат.
Меѓутоа, некаде можеше и да се очекува дека македонските клубови ќе направат „чудо“ затоа што сѐ почнува од сојузот, а и тука имаме што да научиме од вас.
Организација, услови, пари, спонзори, волонтери, резултати… сѐ ви оди во прилог. Направивте вистинска стратегија, прифативте дека во другите спортови тешко можете да ја израдувате нацијата во посакувана насока и го „прогласивте“ ракометот како спорт број еден, додека доаѓањето на рускиот милијардер Сергеј Самсоненко играта со топка живна во целост. Сега ниту газдата на Металург, Минчо Јорданов, нема да повлече рачна иако планираше подмладување на составот, туку ќе вложува како никогаш досега.
Скопје во моментот дава учесник на завршниот турнир од Лигата на шампионките и две екипи меѓу осумте најдобри во елитното натпреварување за ракометари. Со такви резултати не може да се пофали ниту еден град во Европа.
Македонци, на прав пат сте – уживајте, вложувајте, играјте, а ние барем засега ќе гледаме, ќе се радуваме и ќе навиваме за вас… Дадовте еден посебен шмек на европскиот ракомет, не дозволувајте оние што се полни со комплекси да го намалат значењето и да ве сопрат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.