| четврток, 6 декември 2018 |

„Ризопулос“: Играта за името на Скопје е „загубена“

vesnici

Тоа е безвременско прашање, кое долго време не окупира и со кое грчката Влада не успеа ефикасно да се справи, пишува грчкиот политиколог Текла Христина Захарја во колумна за електронското издание на „Ризопулос“, пренесува дописникот на МИА од Атина.

„Додека Грците ги погодува кога ќе слушнат дека некој Скопје го нарекува ’Македонија’, ФИРОМ успеа со добро организирана пропаганда да постигне меѓународната заедница да ѝ се обраќа на земјата со ’Македонија‘“, пишува во коментарот.

Захарја во овој контекст искрено посочува неколку ситуации во кои неодамна се нашла и ги нарекува „разочарувачки факти“. Првата ситуација била кога со еден шведски официјален претставник на ОН зборувале од кој аеродром треба да летаат, откако таа му рекла „Македонија“, (како што се вика солунскиот аеродром), тој зачудено ја прашал дали е неопходно да одат толку далеку за да стигнат на нивните дестинации, мислејќи на аеродром во државата Македонија.

Во друга ситуација германски колега ја прашал како донела одлука да студира на Универзитетот Македонија (универзитет во Солун), а не не друг универзитет со оглед на тоа што „Македонија“ не е многу позната по високообразовните институции. Во истиот контекст, јапонски соговорник ја прашал колку години поминала во Македонија, со оглед на тоа што студирала на универзитет во „таа земја“.

„Овие инциденти се случија за помалку од еден месец, потврдувајќи го мојот став дека прашањето за името Скопје е загубено. Владата во Скопје спроведува ефикасна и добро организирана пропаганда не само на луѓето, туку и на глобалната заедница. Со користење на сајтови со домејн .мк, ФИРОМ индиректно успеа да добие посакуваното име ’Македонија’ . Грчката влада останува неактивена, грчкиот народ е поделен меѓу тие што живеат во северниот дел и се погодени кога ќе слушнат дека соседната земја некој ја нарекува Македонија, и Грците од јужниот дел од кои  поголемиот дел се рамнодушни“, пишува „Ризопулос“.

Според грчкиот политиколог, ниту еден поединец или индивидуални напори не можат да произведат очекувани резултати. „Да бидам искрена, јас не знам ниту дали некој напор, дури и организиран, може да го смени исходот“, признава таа и уште еднаш ја обвинува грчката влада за неефикасност за ова прашање. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top