Националниот парк „Галичица“ од година во година бележи пораст на бројот посетители кои се решаваат да ги видат природните убавини што ги поседува. Дел од нив се туристи кои тоа го прават во рамки на нивната посета на Охрид, но, според информациите од Националниот парк, има и такви што доаѓаат наменски, односно токму заради нивниот интерес за тој вид рекреација.
Според Наумче Новески од ЈУНП „Галичица“, забележан е пораст на бројот на посетители за околу десет проценти. Според него, радува податокот дека сѐ поголем е и бројот на охриѓани што го посетуваат паркот, односно навиките да се минува повеќе од слободното време на рекреација во природа.
Инаку, бројот на посетители во паркот се регистрира со електронски мерачи, поставени на главните влезови во паркот кои го евидентираат бројот на возила, пешаци и велосипедисти.
Оценка на вработените во паркот е дека интересот делумно се должи и на активната промоција на националниот парк „Галичица“ изминатиот период, како и достапноста на податоците за паркот на сопствената веб-страница.
Во интерес на што поорганизиран престој во паркот се и усвоените измени во Законот за заштита на природата, Законот за национални паркови, кои предвидуваат туристички водичи за сите посетители кои групно ќе дојдат во паркот. Станува збор за обучени лица со лиценци за таква дејност.
– Новата легислатива отвора повеќе можности за нови извори на финансирање. Имаме двајца лиценцирани водичи за националниот парк и според тие акти, туристичките водичи на групи не можат веќе неконтролирано да носат групи во паркот. Секоја група гости мора да биде пријавена, а да ја предводи водич кој завршил обука и добил сертификат – појасни Новески.
Националниот парк „Галичица“ се простира на површина од 25 илјади хектари, поместени во пределот меѓу Охридско и Преспанско Езеро. На планинските предели има мапирани и одбележани пешачки и велосипедски патеки во вкупна должина од 350 километри, кои се поделени во неколку категории во зависност од сложеноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



