
Грција е без традиционалните сојузници, бројот на поддржувачите се намалува, а САД, ЕУ и ОН координирано притискаат да се затвори прашањето за името до Самитот на НАТО Македонија да стане рамноправна членка на алијансата. Ова е дел од анализата во неделникот „Епикера“, според која, целата ситуација потсетува на активностите во 2008 година пред самитот во Букурешт, само со таа разлика што на есен Грција нема да ја има Франција на своја страна, како пред шест години, а веројатно дека е слична ситуацијата и со Германија, пренесува дописничката на „Канал 5“ од Грција.
„Според дипломатски извори Франсоа Оланд и неговите советници полека, но сигурно работат на решение, според некои информации во соработка со Берлин. Додека, пак, други извори тврдат дека Германија дејствува самостојно, за сама да го зголеми нејзиното влијание и коментираат дека Ангела Меркел нема да застане во корист на грчките позиции. Според ова, Грција потребно е веднаш да најде нови сојузници, бидејќи во спротивно ќе се најде изолирана, нешто што е опасно во развојот на настаните за прашањето“, пишува неделникот додавајќи дека притисоците и врз Скопје и врз Атина стануваат сè поголеми за што поскоро да се затвори прашањето за името.
Новинарот од „Епикера“ ја критикува Грција што надворешната политика не се наоѓа високо на агендата на премиерот и покрај залагањата на Венизелос, а дополнителна загриженост предизвикува фактот не реагира ниту опозицијата, пренесува дописничката на „Канал 5“.
„Едно лошо решение за Грција е она што би можело да го дестабилизира регионот, а не обратно“, е коментарот на „Епикера“, во однос на тврдењата за дестабилизација на Македонија и на регионот. Сепак, според тиражниот неделник, и Американците и Европејците стравуваат дека кризата од Крим би можела да се префрли на Балканот и токму затоа, притискаат Македонија и Грција што побргу да го затворат 20-годишниот спор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


