Доколку ја добијам вашата подршка јас ќе бидам претседател на сите граѓани во Македонија и максимално ќе се ангажирам за подобрување на меѓутничките односи, за деблокирање на евроинтегративните процеси, за еднаквост на граѓаните на сите полиња, без разлика на политичка, економска или друга припадност, порача вечерва пред дебрани, Илјаз Халими, кандидат за претседател од ДПА.
Тој исто така вети дека ќе биде против секој проект кој е на штета на граѓаните и на природата, нагласувајќи го посебно проектот „Луково Поле“ и упати апел сите Албанци да излезат на гласање за да ја реализираат нивната граѓанска и национална обврска.
– Сигурен сум дека Албанците сепак ќе гласаат за мене, за единствениот кандидат Албанец за претседател и никој нема да ги запре во оваа мисија, рече Халими.
Претседателот на ДПА, Мендух Тачи изрази увереност дека кандидатот на ДПА ќе го добие потребниот број гласови и побара гласачите, како што рече, да не наседнуваат на лагите и заплашувањата на ДУИ кон вработените во администрацијата и полицијата дека ќе бидат избркани од работа.
– Не, ние не сме такви. Ние никогаш не би му го зеле лебот на еден Албанец за да му го дадеме на друг, истакна Тачи.
Според него, срамна е изјавата на Ахмети дека на овие избори Албанците немале свој кандидат.
– Каква формулација е тоа консензуален претседател. Тоа е формулација заради лага, формулација за политички профит. Вистинската формулација за консензус меѓу Албанците и Македонците бидете сигурни дека е во нашите во раце како ДПА и Илјаз Халими. На ДУИ треба да и биде јасно дека ако излезат Албанците на гласање, вториот круг ќе биде меѓу
Албанците и Македонците, рече Тачи, нагласувајќи дека на 13 април ќе биде дефинирана позицијата на Албанците.
Пред дебрани говореа и претседателот на разгранокот на ДПА, Башким Сеља, како и првите луѓе на разграноците на младите и на жените.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


