| четврток, 6 декември 2018 |

Н а ј д о б а р

galijana-184x168

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

El presidente.

Што е претседател?

Некој што седи на чело, ама не е начелник.

Претседателот претседава.

Ако стои, престојува. Ако престојува на претседателска позиција подолго од вообичаено, се вели дека е презафатен со диктирање. Се залегачил. Така седењето и стоењето се преместиле на кревет.

Добар претседател секогаш знае да направи добар избор. На изборите никогаш не го заокружува своето име, остава другите да го направат тоа.

Тој е некаков холограмски пресек на сите што ги претставува.

Тој е најдобриот.

Не е робот. Не е марионетка.

Тој е огледало на народот. Каков е народот, такви се водачите.

Не очекува дека вишите сили ќе му ги решат проблемите. Тој самиот е таква сила. Неговата самодоверба доаѓа од поддршката на електоратот. А, поддршката ја стекнува правејќи добри дела и постапувајќи праведно без оглед на околностите.

Вистината има моќ да ослободува. Само слободните луѓе можат да одлучуваат за својата иднина. И да си ја одбираат сегашноста.

По дефиниција, претседател е некој што „те чува“ и мисли на тебе тогаш кога ти си презафатен да мислиш на себе.

Некој што со својата стручност, дигнитет и предаденост на својата работа оваа дефиниција ја спроведува во практика.

Во земја на благосостојба, претседателот би требало да е твојот најдобар пријател во миговите кога посакуваш да ја напуштиш родната грутка. Мисија на претседателот е да ги привлече иселениците назад во татковината.

Идеалниот претседател ги има сите вообичаени карактеристики на супермен. Тој е некој чијашто храброст ги надминува границите на твоите вообичаени хоризонти. Знае да направи висечки мост и да те изведе од бездната на непотребните кредити. Освен тоа, никогаш не би поддржал лажна пирамидална штедилница.

Оној што куќата ја ѕида од камен, а не од стиропор.

Оној што никогаш не би го ставил својот кредибилитет под хипотека бидејќи неговата харизма
има интегритет по себе.

Човек од доблест. Оној на кого совеста му е чиста и е слободен од комбинации на резервни планови.

Храбар. Визионер.

Понекогаш на сите ни е потребен некој што ќе ни подаде рака. Ако треба да ја опишеме нашата земја со еден збор, и во тој збор да се содржат сите луѓе, сите мали градови и села во кои живеат луѓе за кои никој не се грижи, на кои никој не им објаснува зошто е потребно да се направи вистинскиот избор, каде што луѓето се изморени од борбата со ветерници, тој збор би бил ФЕНИКС – птица што продолжува повторно да се раѓа од пепелта и да учи од своите грешки…

Тие знаат дека претседател е некој што мисли на сите едновремено. Праведниот татко ги сака сите свои деца подеднакво. Не само заради функцијата, туку заради својата подготвеност да го направи најдоброто што може. И да даде сè од себеси.

Добрите луѓе никогаш не мислат дека стигнале на врвот. Но, прават сè за да стигнат до таму. Нивното усовршување нема крај.

Кога би можеле да го одберете најдобриот, каков претседател би посакале? Или, каква треба да е земјата за еден совршен човек да ѝ биде лидер?

Некој што ќе ве задолжи единствено со сопствениот кредибилитет.

Човек за кого квалитетот е приоритет, а профитот е последица на влечењето вистински потези.

Со чисто срце. Со искуство на стратег. Човек што е подготвен да ѝ го посвети животот на татковината. Со мудрост, трпение и љубов. За своите луѓе, за својот народ.

Човек што знае кога е мигот за промени.

Не се доволни зборовите, и делата се малку, за некој што има визија и го знае патот за излез од македонските премрежја.

Јунг вели дека не ги гледаме луѓето такви какви што се (тие), туку какви што сме (ние).

Ако кажеме „нека победи најдобриот“, тоа некако би значело да го видиме најдоброто во себеси.

Среќата, нели, ги следи храбрите…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top