Македонија заслужува да има претседател кој достоинствено ќе ја претставува, ќе ги брани и штити државните интереси. Иванов е претседател за кој татковината беше и сѐ уште е над сѐ и пред сѐ, рече министерот за образование и наука, Спиро Ристовски. Tој на митингот во Прилеп посочи дека Иванов достојно го завршил мандатот од 5 години и заслужил да добие уште еден претседателски мандат.
– Преку чести посети во сите општини, остварувајќи средби, Иванов помогна секаде каде што барањата беа во негова ингеренција. Често ни се јавуваше на нас, министрите, да нѐ информира за проблемите. За заедно да најдеме решение. Неговата посветеност и желба за работа и соработка со институциите, со Владата на Република Македонија, резултираа со значајни унапредувања во разни сфери. Тој е иницијатор на многу од реформите кои ќе го подобруваат животот на македонските граѓани.Иванов е човекот кој даваше безрезервна поддршка и помагаше за подобри услови во училиштата, за подобрување на условите за работа на наставниците и научно-истражувачките работници, тој е покровител на доделувањето стипендии. Заедно со претседателот спроведовме многу реформи во основното, средното и високото образование – рече Ристовски.
Тој истакна дека јасната цел на Иванов е идентична со целта на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ – да создава генерации образовани луѓе кои ќе се враќаат овде без разлика каде студирале и ќе ја градат Македонија како земја со силен раст.
– За нас Македонија е нешто свето за кое треба да се грижиме сите, без разлика на верска и етничка припадност. Иванов во континуитет секоја година избира најдобар научник во Македонија. Вложувавме во образованието, набавивме 80 лаборатории. Вложивме 1,6 милијарда евра во разввој на науката. Ве уверувам дека таквите инвестиции ќе продолжат и натаму. Градиме и ќе градиме за нашите деца – рече Ристовски.
За крај порача дека само со претседател кој има визија и развој можеме да ја креираме иднината на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.