
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и потпретседателката на партијата, Радмила Шекеринска, избегнаа директен дуел со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен премиер Никола Груевски. Ниту едниот ниту другиот нема да влезат во трка со Груевски во изборната единица 1. Иако сосема логично, се очекуваше дека Шекеринска ќе истрча како носител на кандидатската листа на СДСМ во скопска единица, нејзиното име, барем засега, не се појави на листата на носители на кандидатските листи за претстојните парламентарни избори.
СДСМ сѐ уште ги нема официјализирано кандидатските листи, а тоа се очекува да се случи за некој час. Сепак, според првичните единици, наместо очекуваниот дуел Шекеринска – Груевски или Заев – Груевски, ќе имаме дуел меѓу Рената Тренеска-Дескоска и Груевски.
Се очекува во скопска двојка Петре Шилегов да се соочи со министерката Гордана Јанкуловска, иако листите сѐ уште не се официјализирани. Од албанските политички партии, пак, во шестата изборна единица ќе има лидерски дуел меѓу ДУИ и ДПА, односно на Али Ахмети и Мендух Тачи. За ДУИ во единицата носител на листата ќе биде Ермира Мехмети, во двојката Реџаил Исмаили, а петката ќе ја предводи Муса Џафери.
За ДПА во првата изборна единица ќе истрча Беким Фазлиу, во втората Орхан Ибраими, во третата Хабиб Максути и Зија Јонузи во петтата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


