Канадските тајни служби се сомневаат дека Франција спроведува „масовен информатички напад“, кој започнал во 2009 година и се уште е во тек, пренесува МИА. Жртви на францускиот напад биле повеќе ирански институции поврзани со нуклеарната програма на Техеран. Според документот што го објави денешен париски „Монд“, жртви на нападот биле и институции кои немале никаква врска со нуклеарната програма. Канадските тајни служби откриваат дека Французите „испитувале“ и компјутери во Канада, Шпанија, Грција, Норвешка, како и во Брегот на Слоновата Коска и Алжир.
Информатичката шпионажа, според „Монд“, била спроведена и на француска територија, што според законите, и е забрането на разузнавачката служба Генералната дирекција за надворешна безбедност (ДГСЕ), која е единствена што располага со таква технологија и која официјално работи надвор од државните граници на Франција. Централната дирекција за внатрешно разузнување (ДЦРИ) често ја сомничи ДГСЕ дека дејствува и во Франција.
Тврдењето на „Монд“ се базира на една белешка на американската Агенција за национална бебзедност (НСА), која ја објави Едвард Сноуден, односно документ кој доаѓа од канадскиот Центар за безбедност на телекомуникациите, кој работел на откривање на офанзивно информатичко оружје, чија трага довела до Франција. Ова сознание на Канаѓаните било споделено и со тајните служби на САД, Велика Британија, Австралија и Нов Зеланд.
На ваквите тврдења на „Монд“ француските власти соопштија дека одбиваат да даваат коментари за „реални активности или за активности за кои има само претпоставки“, додека канадската служба се покажа „позборлива“ и за весникот ги потврдила наводите, без да навлегува во детали дали белешката за „ловот“ на европска шпионска програма потекнува од неа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


