| четврток, 6 декември 2018 |

Иран уапси шпиони во владата

Иранските безбедносни сили откриле и уапсиле „десетици шпиони“ што работеле во владините агенции, според министерот за разузнавање, Махмуд Алави.

„Контрашпионажната единица на Министерството за разузнавање успешно откри и уапси десетици шпиони во разни владини тела“, рече Алави, пренесе новинската агенција ИСНА.

Министерот не даде никакви детали за апсењата или идентитетите на наводните шпиони. Тој сепак рече дека министерството ги следело одблиску двојните државјани.

САД повторно му воведоа санкции на Техеран по едностраното повлекување на претседателот Доналд Трамп од нуклеарната спогодба од 2015 година. Други санкции треба да стапат во сила во ноември, а САД се заканија дека ќе ги казнат сите во светот што работат со Техеран.

Иран одговори со претставување ново домашно оружје, меѓу кое и борбен авион и балистички проектили, а рече и дека неговата морнарица „внимателно го контролира“ Ормудскиот теснец. Околу 18,5 милиони барели сурова нафта секојдневно поминуваат низ теснецот, на патот од Персискиот Залив до остатокот од светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top