Галиматијас на француски значи бесмислено, конфузно и извртено зборување, но на интернационален план овој збор добива многу подалекосежно значење, кое во најголема мера ја означува состојбата на хаос, а токму таквата состојба е тоа што се случува на меѓународната политичка сцена, која во многу нешта потсетува на таа геополитичка динамичност што води кон општа воена разрешница или, ако сакате – милитаристичко крешчендо. Чинам дека од кубанската ракетна криза, кога на спротивни страни се најдоа САД, на чело со Џон Фицџералд Кенеди, и СССР, предводен од Никита Хрушчов, светот не се нашол поблиску до трета светска војна.
Оваа исклучително опасна ситуација во која се наоѓа светот денес, во најголема мера се должи на кризата во Украина, криза, која само навидум има основа во спротивставените идеолошки и политички, како и културолошки антагонизми на украинската нација во распад. Всушност, се работи за геостратегиски игри на предоминација, кои фактички траат веќе подолго време, поточно, од крајот на Втората светска војна, а уривањето на „железната завеса“ и божемното завршување на Студената војна и тие деценија, или две, мир на глобално ниво, беше само кратката пауза меѓу две полувремиња, во која САД го напуштија теренот со водство во резултатот, но да нагласиме дека иако натпреварот беше навидум решен во полза на каубојскиот тим, во меѓувреме козаците се повратија и почнаа да го изедначуваат резултатот правејќи одредена стратегиска предност и создавајќи услови за победа, што, секако, ги разгневи пиштолџиите, кои овој пат ’ргнаа со сета сила против изумителите на каќушата.
Но, во овој нов разгневен напад на САД врз интересите на Русија има дополнителни, нови аспекти, кои треба да се споменат, за мозаикот да ја добие својата целосна заокруженост, а сите камчиња да си го добијат своето место. Имено, обидот на САД да се забијат во мекиот стомак на Русија, во Украина, и таму да напластат еден куп системи за стратегиско војување, беше добро осмислен план, но лошо реализиран. Како и во случајот со Хитлерова Германија и неговиот блиц-криг план, „Барбароса“, Американците задоцнија. Ова доцнење жестоко ќе им се удри од глава, а резултатите од оваа недоволно темелно смислена стратегија, многу ќе ги чини во иднината што надоаѓа.
Американските планери за уништување на геостратегиската моќ на Руската Федерација сакаа да го искористат моментот на принудната дефокусираност на руските конкуренти, кои беа зафатени со деликатната состојба, која секогаш доаѓа кога се во прашање големите интернационални настани, како што впрочем, беа Зимските олимписки игри во Сочи. На почетокот тие го подготвуваа теренот ангажирајќи ги исламските терористи од Чеченија. Ова беше еден вид тест за да се види колкаво е нивото на подготвеност на руските системи за одбрана во случај на специјална војна. Извесниот успешен терористички напад за време на Олимписките игри би внел огромен хаос и деструкција на самодовербата на руските сили за одбрана, а со тоа еден важен дел од планот би бил реализиран. Но, Русите покажаа дека нивните системи се во одлична кондиција, а Олимписките игри во Сочи се одвиваа во најдобар ред, сè до крајот. Кон ова, ингениозниот стратег, Владимир Путин постигна уште една цел. Како во прикаската, каде што херојот-кројач убива многу муви со еден удар, силите на Путин збришаа многу чеченски терористи во оправданата стратегија да се елиминираат сите закани за нормалното одвивање на Олимписките игри и одбраната на невините жртви од можните терористички напади. Како и да е, избрзаната и недоветна стратегија на американските планери доведе до тоа, пребрзо да ги загубат своите сојузници на теренот. Сега, без огромен дел од чеченските терористи, на американските тајни служби им останаа само кастрираните, профитабилни и невешти подвижници од НВО, кои освен големи трошоци на и така истенчениот буџет на Одделот за специјални операции и срамот што го предизвикуваат, не претставуваат никаква опасност за големата страна.
И кога Јенките сфатија дека Путин двојно ги насамари, загубија нерви и почнаа да прават грешка за грешка. Повторно се концентрираа на зафатеноста на Русите со Олимписките игри во Сочи, и брзо, побрзо, го кренаа бунтот на незадоволните граѓани, предводени од нивните специјални агенти на теренот – платеници од најниските морални слоеви на планетава. Сето тоа мораше да се среди пред да завршат Олимписките игри во Сочи, но не се среди до крај, што со јазикот на тајните служби и мафијата би значело – воопшто не се среди. Напротив, со овие дрски вмешувања во зоните на интерес на големата мечка, тие само го раздразнија ѕверот, кој, како што се чини, веќе одамна имал подготвени планови како да реагира. Сега веќе мечката нема скрупули на џентлменство и цврсто е решена да го искубе презадолжениот, засрамен и немоќен белоглав орел. А потоа, на ражен и гозба за членовите на антиамериканскиот клуб, кои навистина ги има сè повеќе и повеќе на планетава.
Заканите со ембарго што САД ѝ го најавуваат на Русија, ќе ги уништи нив самите. Русите нема веќе да го користат доларот во интернационалната трговија, а овој пример ќе го следат и нејзините сојузници, во прв ред, Кина. Тоа ќе ја уништи американската економија до темел.
Доколку, пак, САД решат да поведат стратегиска војна со Русија, ќе поминат исто како и Третиот рајх на Адолф Хитлер, тоа се одамна елаборирани сценарија , уште од времето на Наполеон Бонапарта. Само не се знае дали во целата илузија за сопствената моќ, САД го знаат ова ? Ако не го знаат, тешко ним, а и на еден огромен дел од човештвото, посебно на тие кутри членки на НАТО, кои во овие моменти го проколнуваат денот кога аплицирале за членство во оваа злосторничка организација и го потпишале договорот со нечестивиот.
Како и да е, на хоризонтот се ројат страшни и темни облаци, кои не навестуваат ништо ново. Американскиот империјализам овој пат отиде, навистина, предалеку. Виртуелната култура со која го инфицираа светот, сега им се удира од глава. Загубеното чувство за реалност е фатално, и за најобичниот секојдневен живот, а камоли за животот во војна. Нивната нереална самодоверба и суетното чувство, дека се број 1 на планетава, ги заглави во жив песок, од кој тешко ќе се извлечат. Сега се, буквално, на милост и на немилост на расположението на страшната и лута мечка и нејзините сојузници, кои ги има милијарди на број, и се распоредени насекаде по планетата, но и полни со гнев кон плиткоумните и арогантни каубојци, кои со децении ги убиваа, ги ограбуваа и им ги силуваа жените. Оваа пригода, сите овие одмазници, нема да ја пропуштат. Но, останува една непозната за крај, што ќе биде со сите тие исплашени зајчиња од НАТО и од ЕУ, кога нивниот страшен господар ќе оди на долго закрепнување во ендекот на историјата?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.