
Колумнист:
Ненад Мирчевски
Речиси еден месец пред официјалниот старт, СДСМ и нивните медиуми почнаа изборна кампања, која ни оддалеку не ветува дека граѓаните ќе слушнат и ќе видат нешто ново од опозицијата со што ќе им се зголеми изборот.
Проопозициските новинари, кои себеси се прикажуваат како „независни“ и „професионални“, стартуваа јуришно, со агресивно и директно агитирање за претседателскиот кандидат на СДСМ. Нивната политичка определба е нивна работа, но нивната ароганција и намерата да се демонизира секој што размислува поинаку е нешто што никој нема да им го прости.
Дали ќе го сфатат ова како позитивна критика или не, тоа зависи од нив самите. Но, ако сметаат дека со таква невидена хипокризија ќе го убедат народот да им го довери гласот, се лажат, и тоа многу. Ако не им беа доволни осум години за да ја научат таа лекција, дефинитивно заслужуваат да бидат опозиција и во следните четири години.
Додека опозицијата преку нејзините медиуми упорно ги омаловажува граѓаните, со раширени раце ги пречекува сите што ќе се пријават да плукаат по премиерот и по Владата, без око да им трепне за штетата што може да им се нанесе на државата и на народот. Не им е важно дали станува збор за криминалец, измамник, човек без морални и етички вредности, дали работи за туѓи државни интереси и директно прави штета на државниот поредок или, пак, ги понижува националните чувства на Македонците… Со самото тоа што се против власта и државните институции, од опозицијата и нејзините мегафони добиваат целосна амнестија и бланко-дозвола да зборуваат сѐ што ќе им падне на памет и да прават што сакаат. Последен пример се заканите на ДУИ дека отворено ќе се залага да пропаднат претседателските избори.
Несфатливо е како СДСМ официјално го премолчи сето тоа иако е свесна дека тоа може да доведе до нова политичка криза во државата. Осуди имаше дури и од албански интелектуалци, но не и од Бихаќка. Оспорувањето на легитимно избран претседател не им се виде спорно ниту на опозициските медиуми, кои, пак, со двете раце го прифатија алибито за недемократскиот потег на интегративците – уцените всушност биле легитимни барања.
Таквата политика на СДСМ досега повеќе пати им нанесе штета на државните интереси, но истовремено и беше препознаена од граѓаните. Токму поради тоа народот ги казнува во континуитет од 2006 година, со најава за уште четири години плус.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


