| четврток, 6 декември 2018 |

Амбасадорот Ангелов одликуван со највисоко признание од унгарскиот претседател

darko-angelov1

Денеска македонскиот амбасадор во Унгарија, Дарко Ангелов, со одлука на тамошниот претседател Јанош Адер беше одликува со највисокиот унгарски орден – Орден за заслуги со командантски крст.

Ваквата престижна награда Ангелов ја доби благодарение на неговиот исклучителен придонес кон развојот на македонско-унгарските односи за време на четиригодишниот мандат.

Ангелов  го прими орденот од државниот министер за надворешни работи, Немет Жолт, за време на церемонијата на прошталниот прием за крајот на неговиот мандат, којшто беше организиран од македонската амбасада во Будимпешта.

Дипломатскиот прием се одржа во престижниот Унгарски музеј за современа уметност, Музејот „Лудвиг“ во Будимпешта, со присуство на дипломатскиот кор во Унгарија и високи претставници на унгарските власти.

По приемот на орденот, амбасадорот Ангелов истакна дека овој чин е уште една потврда за одличните односи на пријателство меѓу Македонија и Унгарија, кои во изминатиот период особено се продлабочија во повеќе општествени области.

– Во меѓународната политика двете држави споделуваат исти вредности во кои почитувањето на меѓународното право треба да биде централно во меѓудржавните и мултилатерални односи, што се гледа и во силната, високопринципиелна поддршка на Унгарија за безусловна и неодложна евроатланска интеграција на Македонија – истакна амбасадорот Ангелов во обраќањето пред дипломатски и владини претставници во Унгарија.

За време на приемот се одржа и дегустација на вината од винарницата „Стоби“. Во организација на македонската амбасада, во наредните денови ќе се одржи дополнителна презентација на вината на „Стоби“ за најголемите унгарски вински дистрибутери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top