| четврток, 6 декември 2018 |

Унгарија нема да отстапи пред уцените за фондовите на ЕУ

Унгарија одговори луто на предлогот на Европската комисија да ги скрати фондовите за развој за земјите, за кои смета дека го поткопуваат владеењето на правото, и истакна дека нема да попушти пред „уценувањето“, пренесе Ројтерс.

-Постојат важечки договори во Европската унија кои јасно ги дефинираат правата и обврските на земјите-членки на ЕУ- рече министерот за надворешни работи, Питер Сијарто.

-Ние не сме согласни со каков и да било предлог што би создал потенцијал за уцена во однос на исплатата на фондовите на ЕУ, кои треба да се доделуваат на земјите врз основа на договорите- додаде тој.

Европската комисија одамна ја обвинува десничарската влада на премиерот Виктор Орбан за поткопување на независноста на унгарските судови и слободата на медиумите.

Слични наводи се направени и во Полска, кои исто така се спротивставија на намалувањето на средствата. Франција се спротивстави на намалувањата на средствата за заедничката земјоделска политика на ЕУ.

Вчера при претставувањето на предлогот за повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ претседателот на Еврокомисијата, Жан-Клод Јункер нагласи дека новите услови за фондовите на ЕУ не се насочени кон конкретна држава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top