| четврток, 6 декември 2018 |

Дигитални кампањи

galijana-184x168

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Дали веќе ги живееме времињата на дигитална демократија кога секое мислење што отскокнува и не се вклопува во мнозинското (или какво и да е тоа, преовладувачкото), автоматски самото себе (дигитално) се порамнува, пред воопшто да се објави…

Не се работи ниту за цензура ниту за автоцензура. Се работи за контрола на стравот и на интелигенцијата.

Од друга страна, ако малку ги начулите ушите, ќе видите дека на одредени временски интервали се шири паника дека „утре“ почнува третата светска војна, дека сè е готово, дека овојпат е тоа што го избегнавме минатиот пат. Крај.

Па, малку пауза. Па, гледаме нема експлозија.

Добро е. Куртуливме.

А, Фукушима? Бања Лука?

Бомбата во автобусот за јавен превоз?

Тоа што се случува во дворот на соседите е можно утре да се случи кај нас. Центарот е во периферијата. Нема центар, нема периферија. Сè е едно. Она што ми се случува мене, влијае на сите.

А исчезнатиот авион?

Тоа се инциденти.

Дали, конечно, Македонија стана најидеалното место за тивка медитација или она што христијаните би го нарекле „исихија“? Земја на викенд-населби, во која луѓето доаѓаат да го поминат своето слободно време во мир и тишина?

Ако има некаков проблем, препорачливо е да се биде тивок, да не се разбудат малкутемина што останале тука, и спијат. Може да им се прекине убавиот сон.

Општеството штанца зависници од вакцини, од имотни листови, од информации. Кога ќе ги прими сите вакцини, тоа располага со целосното право да го контролира евентуалното беснило коешто ставено под контрола, потешко ќе може да дојде до израз. Малкумина од психијатрите (коишто сепак ќе ги пишуваат своите обемни трудови за ид, его и супермен) ќе смеат директно и отворено да зборуваат за прекрасната човечка душа таква каква што е. За мултидимензионалното суштество коешто живее од љубов. Малкумина смеат да кажат дека контролираните емоции на гнев (потиснатиот гнев), сепак, излегуваат на површината како депресија. Од тоа бавно се умира. Погледнете ги работниците коишто дисциплинирано работат пет дена во неделата, а два дена ги потопуваат во алкохол сите свои сеќавања на минатите пет дена, и собираат сила за следните пет дена ужас. Но, така е во Германија, каде што има најдобро пиво на светот. Во земјата на жолта препеченица, каде што на луѓето не им треба бренд за ајварот, сè уште се крадат денови за скришно уживање во слободата, при што да се биде трезен не мора секогаш да значи дека сте директор на некаква мини-компанија за рециклирање на пластичните шишиња и добро заработувате од својот дигитален отпад.

Оние три магични букви „пет“ на рециклираната пластика гарантираат дека нема простор за критичко мислење. Шишето е под притисок.

Наместо седативи, психијатрите препишуваат по една турска и по една индиска теленовела на ден. Во малите продавници за чорапи, за весници и за печива судбината на Фатмаѓул е поважна од претстојните избори.

Управување од некој далечен центар на моќ. Странскиот капитал влегува тивко и станува легенда. Во неговите суптилни мрежи се фаќаат илјадниците изморени текстилни работнички чиишто креации висат на куклите во Петтата авенија. И некој гастарбајтер со гордост ќе се пофали дека тоа е направено во Куманово, за џабе.

И ќе премолчи дека Рацин не слушал на едното уво и затоа не ја дочул лозинката.

И дека луѓето како Шишков мора да одат против својата индивидуалност. Вакцината кај нив не ги предизвикува соодветните антитела, и системот полудува, и крева рака на самиот себе, обидувајќи се да го спаси остатокот што е сè уште под контрола.

Голем политичар е само тој кој не се плаши од смртта. И ја знае тајната на животот. Ја „стекнал“ мудроста низ сопственото животно искуство и таа мудрост е неговиот кец на десетка во миговите кога напаѓа стравот: Слобода е само друг збор за тоа дека немаш веќе што да загубиш… . Freedom is just another word for nothing left to lose… според една позната песна на Роџер Милер од 1969, „Јас и Боби Мек-Ги“…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top