| четврток, 6 декември 2018 |

Револуција денес

adrapo-sparai-90x115

Колумнист:
Ацо Станковски

Иако денес концептот на револуцијата е тежок анахронизам, тој, сепак, има дејство во одредени општествени зони на планетава, но, исто така, тој станува еден вид помодарство кај некои социјални и политички групации. Во првиот случај протагонистите на револуционерниот занес се политички здруженија кои ветуваат спроведување на интересот на некој од неколкуте центри на моќ, од кои се здушно финансирани и потпомагани со бројни платеници, кои за одредена сума пари влегуваат во овие крвави авантури, а во втората група спаѓаат одредени обезвластени камарили, кои за да се вратат на позицијата на власт, се спремни слепо да ги спроведуваат инструкциите на Големиот брат.

Сепак, и за двете групации има еден заеднички именител, а тоа е нивното чувство за праведност, незаменливост и месијанство. Кон оваа карактеристика на овие профитни револуционери, кои со целата своја скрибоманија манијакално агитираат по социјалните мрежи, заедничка е уште една карактеристика, а тоа е перцепцијата на масите кои стануваат цел на нивната пропаганда. Имено, тие наводно политички–освестените личности му се обраќаат на хипнотизираниот и политички неписмен народ со цел да го освестат од страшната заблуда во која пропаднал, не по своја вина, туку поради стравот со кој се здобил заради репресивните и заканувачки методи на убедување од страна на режимот, па така освестен да го поведат во правично и насилно уривање на власта, која секојдневно ги малтретира и им ги укинува, и онака скусените слободи и права од секаков тип.

Ова е веќе одамна видена игра, а нејзините модалитети се веќе толку експлоатирани и повторувани, што кај политички и историски едуцираните личности предизвикуваат не мал квантум на дегутантност. Сепак, пропагандистите на овие надживеани форми на револуционерно дејствување не престануваат со своите, колку здодевни, толку и манијакални вознемирувања на здравиот разум. Нивниот мотив, за волја на вистината, нема никаква врска со каква било визија за некаков поправеден свет или подобро функционално општество, туку попрво гледам стимулација со финансиски бенефит, кој во своите перспективи отвора врати кон освојување на власта и воспоставување на уште поконформна позиција во општеството. Ова во никој случај не е претпоставка, туку емпирија, која се должи на нивното темелно познавање.

Во некои култури, каде што повеќето од народните маси се политички неедуцирани, а со тоа и лесно приемчиви за одредени пропагандни инфлуенци, ова хушкачко дејствување на незадоволните од општествено-политичките состојби, револуционери, има одреден ефект. Да се потсетиме само на Арапската пролет, една серија од револуции, каде што овие агитатори на хаосот успеаја да сензибилизираат поголема маса, која, пак, беше вешто искористена од нарачателите на ова бунтување со имплементација на мрежа од милитарни платеници, кои со своето субверзивно и терористичко дејствување, превратот го направија можен. Но, на крајот од приказната, наместо едно поправедно и пофункционално општество, се случи перманентна политичка и економска криза, која условите за живеење во тие општества ги направи уште понедемократски и понеподносливи.

Народите на планетава треба да учат од овие примери. Тоа најдобро се постигнува со здраво и темелно промислување на овие процеси, кои стануваат нов манир на дејствување на некои центри на моќ во насоката на создавање на хаос во одредени општества преку стимулирање на овие создавачи на неред. Но, криминалците и убијците, кои чекаат во редови на берзата на ѕверскиот труд, воспоставена од големите дизајнери на историските процеси, се само егзекутори на долго подготвуваниот амбиент на незадоволство. Овие наемници доаѓаат во последниот чин од претставата, кога нештата се веќе доволно радикализирани, а некој треба да го потпали фитилот на бурето со барут и со тој чин да го иницира danse makabre, наречен револуција.

Но, за да дојде до оваа последна и неповратна ескалација на настаните, потребно е долготрајно и темелно пропагандистичко вибрирање преку разните медиуми за комуникација на платените, незадоволни, полусофистицирани агитатори, кои за волја на вистината почнаа на себе и на својата деструктивна работа да гледаат како на уметнички чин.

Тие како да немаат доволно увид во историјата и историјата на уметноста, кога на себе и на својата несмасна пропаганда гледаат како на уметничка авангарда. Бадијала е укажувањето на истрошеноста на нивниот манир, кој во основа нема никаков креативен новитет, туку само едно здодевно рециклирање на херојските теми од минатото, кои теоријата одамна ги има деконструирано и депонирано во академските архиви. Во немањето вистински продлабочен интерес за уметничката креација, која во основа бара огромен напор, предаденост и знаење, овие љубители на виртуелните авантури, но и на лесно стекнатите пари кои доаѓаат од центрите на моќ, заинтересирани за дестабилизација на одредени општества, значи овие бонвивани, со крајно сомнителни погледи на креативноста, измислија една колку ступидна толку и невистинита теза, дека единствената витална и легитимна уметност е политичкиот активизам. Веројатно нивниот недостаток од терминолошката спецификација не може да ја види дистинкцијата, која постои помеѓу поимот агитатор или партиски војник, и творец или автор на уметничко дело. Ова, секако, станува евидентно кога ќе се види нивната игноранција на идеолошкиот диверзитет, така експлицитно претставен во политичката историја, која сосема површно ја запознале. Затоа имаме таков гротескен оксиморон во нивните хистерични настапи апропо немирите во Украина, кога тие следбеници и наследници на комунистичката идеологија најдоа да се восхитуваат од бунтовниците, што доаѓаат од нацистички провиниенција. Но, тука сè е можно.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top