Црногорските ракометарки на Будуќност се противнички на македонските ракометни првенки Вардар во полуфиналето на Лигата на шампионските (ЛШ) на претстојниот фајналфор што ќе се игра на 3 и на 4 мај во Будимпешта, Унгарија.
Конечниот епилогот беше познат по вечерашниот дуел во групата 2, каде што актуелниот шампион на Европа, унгарски Ѓер, потешко од очекуваното славеше над норвешки Ларвик со 31-29 (14-12). Тоа беше доволно да освои 10 бода, односно бод повеќе од црногорскиот клуб, чии бои ги брани и македонската репрезентативка Елена Ѓорѓиевска.
Ѓер во втората полуфинална двојка ќе игра со данскиот првак Митјиланд, кој, пак, денеска на свој терен убедливо го победи германски Турингер со 26-20, а поради подобриот меѓусебен скор од Турингер, Данките одат понатаму иако и двете екипи завршија со по седум бода.
Вечерва во Скопје, во последното коло во главната фаза во ЛШ, Вардар го совлада шведскиот првак Савехоф со 24-18 (11-9), што беше доволно со вкупно осум бода да биде прв во групата 1.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.