| четврток, 6 декември 2018 |

Пензиите, платите и социјалната помош во последните осум години постојано растат

vmro-dpmne-otcet-16

Диме Спасов, министер за труд и социјална политика

Пензиите, платите и социјалната помош во Македонија во последните осум години бележат константен раст. Од 2006 најниските пензии се зголемени за 76 отсто, а просечните пензии 62 отсто. Социјалната помош порасна за  47 проценти, а постојаната парична помош за 46 проценти. Расте и еднократната парична помош за деца без родители и тоа за девет пати. Таа сега изнесува 180 илјади денари.

Ова го истакна Никола Груевски, претседателот на ВМРО ДПМНЕ во отчетот за работата на Владата.

Тој посочи дека овој месец за пет проценти дополнително се зголемени пензиите и  социјална парична помош и постојаната парична помош. Се осврна на утврдената минимална плата, договорена првпат во независна Македонија.

– Првпат во историјата на независна Македонија, после 20 години преговори меѓу социјалните партнери, се постигна договор за утврдување минимална плата, а потоа следеше и нејзино зголемување. Законот за минимална плата започна да се применува од јануари 2012 година. Со закон се утврди право на материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 7 април 2000 до 31 декември 2013 година. Со ова решение ќе бидат материјално обезбедени околу 3.000 невработени лица кои останале невработени од државни фирми или, пак, фирми во доминантна државна сопственост и по 2004 година. Овие лица ќе добијат паричен надомест од најмалку 7.100 денари, односно 34 отсто од просечната плата исплатена за минатата година плус здравствено осигурување. Ова беше една голема неправда нанесена на овие наши сограѓани во периодот на транзицијата, која нашата влада најде начин да ја исправи – истакна Груевски.

Соопшти дека со активните програми и мерки за вработување од 2007 година опфатени се вкупно 54.958 невработени лица и се постигнати  30.524 вработувања. Се осврна и на унапредената политика за децата без родители.

– Паричната помош за лице кое до 18 години било дете без родители и родителска грижа од 2006 година до денес бележи зголемување за 54 проценти. Обезбеден е паричен надомест за студирање, магистерски и докторски студии за лица кои имале статус на дете без родители или родителска грижа во износ од 9.000 денари доколку користи право на домување, или 18.000 денари доколку не користи право на домување. Овој надоместок е зголемен во текот на 2013 година и тоа на 12.000 денари доколку користи право на домување, или 24.000 денари доколку не користи право на домување, рече Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top