Во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје вечер ќе биде промовирана Антологија на македонскиот афоризам „Врели мразови”, што ја подготви афористичарот Васил Толевски. На промоцијата ќе говорат писателот Христо Петрески и сатиричарот Васил Толевски, а ќе настапат и дел од застапените автори во антологијата.
Во делото се претставени богатствата на духот на македонските творци во овој вид творештво, меѓу кои спаѓаат и авторите: Ефтим Гашев, Миле Ѓорѓијоски, Градимир Здравковиќ, Иван Карадак, Михаил Левенски, Дарко Марковиќ, Зоран Михајлов, Владимир Нејашмиќ-Бато, Живко Павлов, Ванчо Полазаревски, Ефтим Проевски, Аљоша Руси, Љупчо Сиљановски, Бошко Смаќовски, Божидар Тодоровски – Бодле, Киро Урдин, Георги Хаџи-Васков, Софе Штерјоски и други.
– Во ниту една книжевна форма зборот нема таква маѓепсничка сила каква што ја има во сатирата, а особено во афоризмот. Афоризмот го препознаваме како кратка книжевна форма, концизна, мудра мисла, искажана духовито, која во себе содржи иронија, сарказам, глобален парадокс, пресврт и на крајот содржајна поента, која го оправдува постоењето на самиот афоризам, наведува во предговорот на книгата Толевски.
Антологијата „Врели мразови“ ја објави издавачката куќа „Феникс“ од Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.