| четврток, 6 декември 2018 |

Меркел му се закани на Путин: Крим не е Косово, руските потези ќе доведат до катастрофа!

Германската канцеларка Ангела Меркел предупреди дека Москва ризикува  „масивни“ политички и економски последици доколку не го промени своето стојалиште кон Украина и рече дека Крим не може да се споредува со Косово, јавуваат западните агенции. Меркел во говорот што го одржа во Бундестагот користејќи досега најостра реторика од избивањето на украинската криза, елиминираше какво било сомневање дека Германија ќе избегне конфронтација со Русија. На претседателот Владимир Путин му порача дека неговите потези ќе доведат до катастрофа.

– Ова нема да го измени само односот на Европската унија кон Русија. Не, тоа ќе доведе до масовни последици за Русија, како економски така и политички – рече Меркел.

Германската канцеларка признала дека дипломатските напори да се влијае на Русија не успеале и дека времето изминува. Доколку Путин не се откаже од референдумот на Крим в недела, Меркел нагласува дека ЕУ во соработка со НАТО и со САД ќе воведе многу потешки санкции на Русија отколку само симболичните кои досега беа воведени.

За ова европските челници ќе разговараат следниот четврток.

– Да бидам јасна, никој од нас не го сака тоа, но решени сме да воведеме санкции доколку тоа стане неизбежно – рекла Меркел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top