| четврток, 6 декември 2018 |

Снајперисти

galijana-184x168

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Замислете војната да е обична скриена камера!

Продукциската куќа „Икс ипсилон“ изнајмува професионални снајперисти, ги поставува на соодветни позиции и го почнува шоуто.

Наместо да ги анкетира луѓето на класичен начин, некои од нив ги срамнува со земја, а некои ги остава да продолжат да живеат без да знаат за камерата.

Некогашната СФРЈ беше класичен пример за реално шоу – пореално амин.

Војните. Воопшто. Грдиот кошмар на нагонот за уништување.

И додека филозофите, набожните или незаинтересираните имаат една перцепција за оваа тема, сосема инаква е состојбата во воената индустрија, местото каде што се креираат убиствени направи што можат да нишанат во оние тенки нишки на пајажината и да ги погодат сите до една…

Сè уште постојат такви коишто веруваат дека уличните препукувања, судири, микрореволуции, разни пролетни сценарија, секаков вид борби за преземање на административната власт на одредена територија се в о ј н а!

Пропуштајќи еден многу битен аспект на големата слика: специјалната или психолошката војна.

Генетски модифицираната храна (денес) е најмоќното оружје.

Сублиминалните пораки, исто. Да ве натераат да верувате дека сте нешто што не сте. Да ви го сменат презимето, името и прекарот. Да ви воспостават двојни стандарди. Да ви ја скројат шемата на моралот според шнит од бурда. Да се разбудите во туѓи пантолони. Со чувство дека и за нозете не сте сосема сигурни.

Најнакрај, да го сведат животот на реално шоу. Има ли нешто лошо во тоа?

Моќните продукциски телевизиски куќи во светот одамна сфатија дека луѓето сакаат да го губат своето скапоцено време гледајќи пренос од реалниот живот на „обичните луѓе“.

Постојат милион реални шоуа кои се борат меѓу себе за што поголема гледаност и поголема заработка.

Реалното шоу како жанр настанува во Холандија.

Едно од најпознатите е Големиот брат. Шоуто трае 100 дена и се снима 24 часа на ден, при што учесниците воопшто немаат право на приватност.

Лебед:

Екипа експерти за естетска хирургија им го менува личниот опис на жени во Америка и во рок од три месеци успева од грдото пајче да направи лебед. Во емисиите учествуваат психолози, тренери и други лица. Телевизиска мрежа „Фокс“.

Фактор страв

Натпреварувачите се соочуваат со своите најголеми стравови, што најчесто значат преживување на многу бизарни и незамисливи ситуации. Најдобриот натпреварувач добива голема парична награда. Мрежа: НБЦ.

Топ-модел

Во ова шоу учествуваат млади девојки коишто сакаат да станат славни топ-модели и да бидат во објективот на најпознатите модни фотографи во светот. Во секоја наредна емисија жирито одбира учесничка што не го продолжува натпреварувањето. Мрежа – Си Даблју.

Милионерот Џо

Дваесетина жени живеат на хациендата на познатиот нафтен магнат Џо, кој во секоја епизода одбира девојки што ќе останат на хациендата, а останатите отпаѓаат. На крајот, кога останува една, Џо ѝ соопштува дека не е милионер, туку обичен работник.

Библиски експеримент

Едно од најстарите, ако не и прво реално шоу на мрежата „Јов“, наречено „Да имаш, па да немаш“, во кое Господ и Сатаната се кладат меѓу себе дали Јов ќе успее да ги надмине искушенијата без да се пожали на судбината или да го загуби трпението. На почетокот на шоуто му ги блокираат сите трансакциски сметки, му го конфискуваат целиот имот, ги оддалечуваат од него сите сакани и го праќаат на пуст остров. Јов никако не може да открие дали се работи за вистински живот или ујдурма. Шоуто има само една мана, толку е реално што не може да заврши.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top