Раул Гонзалес е првиот Шпанец што е тренер на македонски клуб во кој било спорт, а од неодамна ја доби довербата на Сергеј Самсоненко да го предводи Вардар во обидот да се направи посериозен исчекор кон Европа. Разговорот со 44-годишниот ракометен стратег се случи непосредно пред ждрепката на осминафиналните двојки во Лигата на шампионите. Вардар ќе игра против актуелниот европски шампион Хамбург, а Гонзалес вели дека е сеедно против кого ќе играат „црвено-црните“ бидејвќи речиси и немаше избор. Силни екипи се и Веспрем и Кил, а заедно со Хамбург, сите три се првопласирани во фазата по групи во Лигата на шампионите. Шпанецот нѐ дочека со насмевка и веднаш потврди дека аклиматизацијата во Скопје и во Македонија добро му оди.
– Здраво, како сте, мило ми е што се запознавме – на солиден македонски јазик нѐ поздрави поранешниот носител на олимписка бронза од Атланта 1996 година. Со Шпанија како играч беше третопласиран на ЛОИ пред 18 години.
Идентично име и презиме со фудбалската легенда на Реал Мадрид, чиста коинциденција
И веднаш ја сврте работата на шега знаејќи дека ќе го прашаме за интересната коинциденција со фудбалската икона на Реал Мадрид и на шпанската репрезентација.
– Знам дека ве интересира, но иако имаме исто име и презиме со легендата на шпанскиот фудбал Раул Гонзалес, сепак не сме род. Јас сум малку постар од него, па веројатно тој ги зел од мене името и презимето – се пошегува тренерот на Вардар.
Вели дека не размислувал многу кога го прифатил предизвикот да допатува во Македонија и да го преземе кормилото на Вардар. За него ова е прв професионален ангажман како прв тренер на ракометен клуб, откако занаетот го печеше кај врвните стручњаци Талант Душебаев, а соработуваше и со Хуан Карлос Пастор. Тројцата стари познајници имаат бронзен медал од ЛОИ во Атланта во 1996 година.
– Дефинитивно, во Македонија се игра одличен ракомет. Тоа го знаев следејќи ги натпреварите од Лигата на шампионите и од европските и светските првенства. Многу малку знаев за вашата земја пред да дојдам во Вардар, а најмногу ме привлече предизвикот што е пред мене. Вардар е сериозен проект и јас сакам да бидам дел од него – вели ракометниот тренер Раул Гонзалес.
И за него како и за комплетниот ракометен свет, вистински феномен е подвигот на македонските екипи во ова издание од Лигата на шампионите.
– Е тоа е вистински феномен не само во ракометот. Во еден ист град три екипи да играат натпревари од Лигата на шампионите е голем подвиг. Навистина сум импресиониран од македонското ракометно чудо. Би било логично таков резултат да се случи во земји во кои многу повеќе се инвестира во спортот, но чудото се случува овде, во Македонија. И не само што има три екипи во ист циклус во најквалитетното европско натпреварување, туку имате три силни клубови што се конкурентни и многу квалитетни. Тоа е одлично за Скопје, за Македонија, но уште е поважно што луѓето овде го сакаат ракометот. Тоа ми беше јасно веднаш по првиот меч на кој го предводев Вардар како тренер – коментира Гонзалес.
Навивачите во Македонија се фантастични
Веројатно е тешко да се дојде во мала држава како Македонија од Шпанија, земја што доминира во светски рамки во фудбалот, ракометот, кошарката. Каде што израснаа асови од калибарот на Чави, Иниеста, Гасол, Наваро, Надал, Агинагалде и уште многу светски познати ѕвезди.
– Јас лесно се навикнувам на нова средина. Како играч настапував во неколку различни земји и сите си имаат своја убавина. Кај вас темпераментот на луѓето е сличен на шпанскиот и засега добро ми оди. Еве и научив по некој збор македонски, иако морам да признаам дека претходно не знаев речиси ништо за Македонија. Храната е одлична, луѓето се гостопримливи, а навивачите фантастични – додава тренерот на Вардар.
„Црвено-црните“ под палката на Шпанецот ќе мора да најдат рецепт за сензација против Хамбург, ако сакаат да играат во четвртфиналето на Лигата на шампионите.
– Во вакво натпреварување нема лесни противници и сеедно е против кого ќе играме. Најважно е Вардар да биде максимално подготвен за предизвикот. Нормално, сакаме да победиме, а ваквите натпревари се многу различни од тие во фазата по групи. Никогаш не се знае што може да се случи во блиц-систем со два меча. Имам искуство како ракометар за вакви натпревари и никогаш не сум се предавал. Тоа ќе го барам од моите играчи и во осминафиналето. Верувам дека ќе бидеме подготвени за два добри дуела и за добар резултат – оптимист е 44-годишниот кормилар на македонскиот шампион.
Гонзалес вели дека овој циклус од Лигата на шампионите е неизвесен, мошне изедначен, а типува на Барселона како нов владетел на Европа. Го посочува Кјелце како можно изненадување. И, секако, посакува следниот противник на Вардар, германскиот Хамбург, да не направи реприза од лани и да го одбрани трофејот.
– Доминацијата на шпанските и на германските екипи е логична. Тие вложуваат во ракометот подолг период и оттаму се европските титули. Работат одлично во континуитет. Кога е така одвреме-навреме само треба да менувате ситни детали во мозаикот што функционира беспрекорно. Многу е тешко да се победи во квалитетно натпреварување какво што е Лигата на шампионите. Мислам дека и годинава Барселона има најмногу шанси да го освои трофејот, иако во Шпанија се чувствува кризата во сите спортови, освен во фудбалот. Проблем се парите бидејќи сѐ помалку се вложува. И затоа екипите од Истокот на Европа и од другите земји сѐ повеќе се доближуваат. Веспрем е одлична екипа, Пари Сен Жермен експресно се појави на ракометната мапа во Европа, но ако има изненадување сезонава, типувам на Кјелце. Тие се опасни и можат да бидат сензација – објаснува Гонзалес.
Пријателството со Душебаеви продолжува и во Вардар
Раул има бронзен медал од Летните олимписки игри во Атланта, кога Шпанија во меч за медал ја победи Франција со 27-25. Сегашниот тренер на Вардар одигра шест натпревари на тој турнир и постигна пет гола, а интересна е комбинацијата со ракометното семејство Душебаеви. Во Атланта лидер на селекцијата на „црвената фурија“ беше Талант Душебаев, легендата на светскиот ракомет, кој подоцна го зеде Гонзалес како помошник-тренер во Атлетико Мадрид. Клубот за кој извесно време настапуваше и нашиот Кирил Лазаров подоцна се распадна. Душебаев имаше понуда од Самсоненко да го преземе кормилото на Вардар, а кога тој одби, во Скопје стигна Раул. И за да биде приказната комплетна, во „црвено-црниот“ табор го дочека синот на Талант, Алекс Душебаев. Тој во перспектива ќе биде силен адут на Вардар, а приказната за долгото пријателство меѓу Душебаеви и Гонзалес си продолжува и во Вардар.
Нема зима за ракометот
Ракометот е број еден спорт во Македонија, екипите играат во Лигата на шампионите, репрезентацијата фати ритам со редовно појавување на големите натпреварувања, а нашиот гостин, за ова издание на магазинот „Република“, прогнозира дека трендот на развој на играта ќе продолжи во Македонија.
– Веднаш се чувствува позитивната клима. Препознатливо е дека ракометот е спорт број еден кај вас. Имам чувство како цела држава да стои зад заеднички проект, а тоа е развој на ракометот. Би било добро за мала земја како Македонија да се развива овој спорт и во помалите средини. Да се искористи еуфоријата, да се вложува, за да се создаде силна лига, од што корист ќе има и репрезентацијата. Тоа е рецепт што го применуваат и посилните и поголеми земји. И вака е супер, Металург е одличен клуб, двете екипи на Вардар се многу силни, што е гаранција за развој на ракометот во Македонија – заврши шпанскиот тренер.
Разговараше: Зоран Поповски
Фото: Ѓорѓи Личовски
(Интервјуто со Раул Гонзалес е објавено во 78. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.