Не им се гледа крајот на преписките и на кавгата на релација Давид Бабунски и Фудбалската федерација на Македонија откако денеска пак со свој став се јави младинскиот репрезентативец и член на Барселона Б. Неговата нова реакција доаѓа по соопштението од ФФМ, во кое луѓето од куќата на фудбалот демантираа дека репрезентативците до 21 година имаат лоши услови. Повод беше патешествието на дел од репрезентативците од Португалија до Македонија, на што првично реагираше Давид, а потоа одговори со демант и ФФМ.
Еве го интегрално, третиот дел од преписката меѓу двете страни, овојпат втора реакција на Давид Бабунски повторно со статус на својот профил на „Фејсбук“.
„Моите реченици не биле вистина? Спомнувате индивидуален неуспех? Ја лажете јавноста дека се е ОК? Веројатно и ги уценувате и барате подршка од тие кои ги раководите? Мене нема да можете! Јас сакам да играм футбал. И секогаш ќе се борам со сите сили за тоа. Моите отсуства за репрезентација секогаш се одразуваат на клупските обврски. И јас пак доаѓам затоа што сум дете родено во Македонија. Тоа нема да можете да ми го одземете по ниедна цена, па макар и ме отстраните од репрезентација. Или ќе играме фудбал по сите светски врвни норми или ќе имате проблем со борци како мене. Борци против корупцијата во светот, борци против луѓе што лажат и го манипулираат народот за да се полнат со пари. Тоа ме мотивираше да го напишам ова, а за условите тоа беше само мал дел од проблемот. Ако треба и пешки ќе дојдам до Македонија за да го бранам дресот. Ама против корупцијата? Против оваа човечка несвесност и лоша душа?
Не можам да молчам и да не реагирам. Па сега вие одлучете. А ова беше само еден детал, наскоро ќе ја добиете листата на сите проблеми/информации. Јавно нека читаат сите за да знаат како тоа ние правиме фудбал? Го тргнавте Горан бидејќи ви прецеше, сега јас сум ви на ред?
И не ме интересира ни кој е селектор ни што се планирате со него. Кој и да е, каде и да е. Реков или имаме квалитетен фудбал или ќе се соочите сега и со следното од мене. Немој да мислите мене дека со вашите тапкања по грб ќе ме спречите како други што сигурно имаат се да кажат, а молчат“, стои на статусот на „Фејсбук“ на Давид Бабунски.
Селекцијата на Македонија за фудбалери до 21 година завчера загуби од Португалија со 0-2 на гости и ги загуби шансите за пламсна на следното Европско првенство што ќе го организира Чешка следната година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


