| четврток, 6 декември 2018 |

За револуцијата

adrapo-sparai-90x115

Колумнист:
Ацо Станковски

Нема револуција без идеологија, пари и крв. Радикализацијaта, која почнува во уметноста и во културата, создава идеолошка критичка маса, која магнетски дејствува на одредени центри на моќ, кои во можноста за сè поголемата поларизација и конфликтното милје, кое се создава во новосоздадените услови, гледа шанса за свое долгорочно влијание и остварување на своите интереси. Во зависност од процените на овие центри на моќ почнува процесот на стимулирање на фаворитите на промените, кои, доколку бидат успешно менаџирани, ветуваат консеквентно пенетрирање во нововоспоставениот систем, а на тој начин и до успешно спроведување на испроектираните политичко-економски интереси. Затоа, поскрупулозното и темелно скенирање на состојбите и по насетувањето на можностите за реален бенефит, одредениот центар на моќ, заинтересиран за успешно завршување на превратот преку својата агентура, воспоставува контакти со овие револуционерни структури и почнува здушно да ги финансира.

Понекогаш имаме состојба на манифестиран паралогизам, кога еден ист центар на моќ ги финансира и двете конфронтирани страни, но вака акцептираната состојба е само фатаморгана за наивниот и неупатен набљудувач. Имено, кога еден центар на моќ финансиски ги поткрепува и двете конфронтирани страни, тој центар на моќ игра на најсигурната можна карта. Всушност, тој воспоставува контрола на теренот и по некое време од конфликтот, кога спротивставените страни влегуваат во криза, овој центар на моќ се здобива со енормно влијание на теренот, со што го определува исходот на конфликтот, во зависност од големината на интересот, кој го обезбедува преку лицитацијата на завојуваните страни, кои, ставени во очајничка ситуација да загубат сè, влегуваат во натпревар на сервилност. Тогаш доминантниот центар на моќ ги има конците во свои раце, а конфронтираните страни добиваат ролја на марионети. Ова не се случува само со револуциите, туку и со меѓудржавните конфликти, а истата ситуација е евидентирана и во случајот на Првата и Втората светска војна.

Но, за да се создадат конфронтирани сентименти во определено општество и како производ на тие состојби да се подготви револуционерен амбиент, најпрво е потребно да се сензибилизира дел од масите во насока на критичко гледање кон вредностите, што ги застапува владејачката структура. Тој процес на подготовка на теренот за радикална поларизација на масите најчесто се врши преку културните текови, кои во своите структури инкорпорираат не мал дел од политичката пропаганда, која лесно се протнува во уметничката продукција на одредени автори, со алиби, дека, всушност, се работи за хуманитарен ангажман.

Така, низ тенденциите за херојски и месијански импликации во уметничките дела, се провлекуваат идеолошките референци, кои во својот краен ефект почнуваат да делуваат како политичка пропаганда. Ова е секако феномен, кој се појавува во раната фаза на револуционерниот сентимент и во голема мера се прикрива под плаштот на уметничката слобода. Доколку естаблишментот драконски реагира кон носителите на овие пораки уште во оваа рана фаза со ригидна цензура и прогон, тогаш радикализацијата добива на забрзување поради зголемениот револт на засегнатите, а центрите на моќ веднаш покажуваат интерес за ваквите состојби. Нивните финансии влегуваат во својство на глорификација и популаризација на овие дисиденти. Механизмите на оваа функционалност се секогаш прецизни и каузални, а нивната предвидливост не ѝ носи скоро никаква предност на етаблираната структура во општеството, напротив. Тоа е како да го гледате монструмот кој наидува, а немате никаква можност за ескивирање. Конфликтот станува неминовен.

Тој секако може да се пролонгира со извесен квантум толеранција и отстапки, но тоа во суштина нема да ги промени состојбите што ескалираат, потхранувани со обилното финансирање на навидум незадоволните и бесни, поради неправдите на владејачката гарнитура, пропагандисти. Овие тајно финансирани творци, наводно застапници на ангажираната уметност, почнуваат да ги раздразнуваат своите орди консументи, форсирајќи ја нивната сила кон максималната радикализација, која е доведена до работ на вооружен конфликт со владејачките структури, а кога тој конфликт станува неизбежен, на сцената стапуваат тајните службите и пците на војната. Тогаш револуцијата станува стварност.

Оваа состојба на тотален хаос е дел од theatrum mundi, во кој се вршат најстрашните злосторства над луѓето, засегнати од конфликтот, а ова масовно лудило трае до моментот кога едната од страните воено не ја порази другата. Потоа настанува долг процес на политички реваншизам, при кој се екстерминираат сите потенцијални непријатели на нововоспоставениот режим. Овој прогон на потенцијалните политички непријатели понекогаш може да трае со години, па и со децении. Така, на пример, во болшевичка Русија или, поточно, во Советскиот сојуз, за време на владеењето на Јосиф Висерјонович Сталин, во овие прогони на идеолошките неистомисленици се ликвидирани скоро 25 милиони луѓе. Тоа е за неколку милиони жртви помалку, отколку што Советскиот сојуз загуби во Втората светска војна, каде силите на Адолф Хитлер спроведоа масовна ликвидација на жителите, кои ги населуваа териториите окупирани од оваа фанатизирана нацистичка армада.

Но, што се случува со креативните пропагандисти, кога револуцијата ќе дојде до својот епилог? Тогаш тие стануваат апологети на новиот режим и добиваат своевидни општествени бенефиции. Значи, на крајот, тоа е големата визија на револуционерните творци. По малку тривијално станува, ова веќе толку пати видено сценарио на глобалната политичка сцена. Сепак, кај некои од нив критичкиот пристап во творештвото станува манир, а тие никако не можат да се ослободат од оваа, веќе стекната навика на бунтовнички пораки. Е, тогаш, нововоспоставениот режим ги прогласува за непријатели или недоветни идиоти. Во првиот случај ги екстерминира, а во вториот, пак, ги маргинализира, сместувајќи ги во лудници.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top