| четврток, 6 декември 2018 |

ФФМ: Репрезентативците на Македонија треба да говорат на терен, не по социјалните мрежи

Фудбалската федерација на Македонија со соопштение до медиумите одговори на обвинувањата на младинскиот репрезентативец Давид Бабунски, за патешествието на неговите соиграчи од Португалија до Македонија што траеше повеќе од еден ден. Без разлика кој е во право, факт е дека Македонија играше слабо и загуби лесно со 0-2 на гостувањето во Португалија.

„Крајно неодговорно е за секој индивидуален неуспех да се бара виновникот и тоа секогаш да биде Фудбалската федерација на Македонија. Секој фудбалер своето дело и храброст треба да го покаже на терен, а не да бара оправдувања за себе. Поразите се дел од фудбалската игра, тие треба да се поука и искуство, поттик повеќе за во иднина, да се исправат грешките, да се работи напорно и да се гледа позитивно.

Станува збор за прозивка која го нарушува имиџот на Фудбалската федерација на Македонија, која изминативе две година ја потврди својата посветеност за вистинските фудбалски вредности. Ако во минатото зборовите беа дела, денеска, делата ги потврдуваат зборовите на раководството на ФФМ.“, стои во дел од соопштението на македонската куќа на фудбалот.

Во продолжение од соопштението се наведува дека токму селекторот на младата репрезентација до 21 година, Бобан Бабунски ги пофалил условите што ги обебзеди ФФМ.

„Нашата млада репрезентација пристигна во Португалија два дена пред натпреварот, беа сместени во хотел со 4 ѕвезди, на оддалеченост од само 29 километри од стадионот на кој го одигравме натпреварот (временски, патувањето е 30 минути) и имаа време за два подготвителни  тренинга.  За да имаат повеќе време да се подготват, ФФМ го помести и колото од  првата фудбалска лига се со цел нашите репрезентативци да имаат повеќе време за подготовка. На селекторот Бобан Бабунски и на неговиот тим им беа понудени единствените две опции за патување во Португалија во тој период, од кои ја избраа најдобрата. Самиот селектор на младата репрезентација пред неколку дена изјави дека условите за работа на селекцијата се одлични и третманот кои репрезентацијата до 21 година го добива е еднаков на третманот на А селекцијата на Македонија“, пишува во дел од соопштението на ФФМ.

Синот на селекторот Бабунски, Давид, кој е член на Б тимот на Барселона, преку својот фејсбук профил, синоќа реагираше бурно на патешествието на неговите соиграчи, кои тргнаа од Португалија вчера рано наутро, а пристигнаа во Скопје денеска.

Еве го и неговиот пост на фејсбук:

„Моите соиграчи од селекција до 21 година се уште патуваат да се вратат дома. Тргнаа од хотелот од Португалија во 9,30 часот сабајле и во моментов се наоѓаат во Франкфурт чекајки авион за Љубљана за да стигнат во Скопје во 1,30 часот сабајле. Дали се овие подобрите услови што ги ветивте? Дали вие искрено сакате фудбалот во Македонија да напредне? Срамота. А немојте со тоа дека немало пари, сите знаеме кај се парите. А ако не сакате да ги извадите, јас сум способен да одвојам од мојата плата и да вложам за македонскиот фудбал, само кажете, зошто јас навистина сакам да тргнеме нагоре. Пред натпревар патуваме еден час до стадион. И ние треба да излеземе на терен да браниме едно знаме и целиот македонски народ што не подржува. Не знам колку Ви е вам тоа битно или дали воопшто Ви е гајле, ама ние за нив трчаме“, напиша на својот фејсбук профил играчот на Барселона Б.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top