Руската амбасада во Македонија вчера испрати соопштение во кое даде своја оцена за украинската криза, а веднаш потоа со реакција се јави амбасадата на Украина.
Според амбасадата на Руската Федерација, во Украина во експанзија се фашистички елементи, како русофобија и антисемитизам, додека според Украинците, Русите се виновни за поттикнување меѓунационална криза во самата земја.
„Неодамнешниот државен удар и насилното преземање на власта во Киев станаа сериозен предизвик за принципите на демократијата и владеењето на правото, екстремно ги влошија состојбите во Украина и ја доведоа земјата во тешка ситуација. ’Владата на победниците‘, која се најде на власт, се потпира врз радикални националисти и покрена кампања со цел насилна морално-психичка репресија на неистомисленици, поттикнување на русофобијата и антисемитизмот, рехабилитирање на фашистичката идеологија, потиснување на најосновните човекови права, со што предизвика длабок раскол во општеството и масовни протести.
На Руската Федерација, секако, не и е сèедно што се случува во таа соседна и пријателска држава, со чиишто народи нè поврзуваат повеќевековни односи на братство и духовно заедништво. Се разбира, исто така, сме длабоко загрижени за безбедноста и судбината на милионите наши сонародници што живеат во Украина, и во случај на натамошно влошување на ситуацијата сме подготвени, во рамките на меѓународното право и нашите можности, да им дадеме соодветна поддршка.
Земајќи ја предвид и така високата напнатост околу настаните во Украина, сметаме дека е контрапродуктивно натамошно зголемување на тензиите, меѓу другото и во средствата за јавно информирање, и повикуваме на смирување на страстите“, се вели во дел од соопштението на руската амбасада.

Дипломатското преставништво на Украина, на соопштението одговори со следната реакција:
„Криејќи се под лицемерната загриженост за внатрешнополитичката ситуација и правата на милионите Руси што живеат во Украина, всушност Руската Федерација се обидува да ги оправда своите агресивни дејства што се насочени на разделување на Украина и воспоставување на стратегиска контрола над неа, спречување на реализирањето на курсот кон европската интеграција, поттикнување на меѓунационалната омраза, подбуцнување на сепаратизам.
Тоа е, исто така, обид да се избегне сопствената голема одговорност за поддршката на беззаконието, корупцијата, другите незаконски дејства на некогашната украинска власт, кои станаа катализатор на познатите настани, што доведоа до бегство на некогашниот претседател Јанукович на руски терени.
Политиката на Руската Федерација кон Украина се заканува на вкупниот систем на меѓународното право, европската и светската безбедност.
Украинскиот народ самиот ќе се справи со своите проблеми без лажни пријатели, кои се кријат зад светите зборови за многувековните односи на братство и духовно единство, а всушност сакаат да ги искористат нашите времени тешкотии за уништување на независноста на Украина“, се вели во реакцијата од Украинската амбасада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


