| четврток, 6 декември 2018 |

Членките на ДПМ ќе формираат Клуб на писателки

Во Друштвото на писателите на Македонија утре напладне ќе се одржи поетска средба по повод Денот на жената, 8 март. По овој повод во Домот на македонските писатели ќе настапат 30 поетеси, припаднички на различни генерации, од повеќе градови во земјава.

На средбата ќе биде соопштена одлуката за формирање Клуб на писателките, членки на ДПМ, што ќе го носи името на познатата македонска поетеса Даница Ручигај. Ваквата организациска новина, што е во рамките на статутот на ДПМ, ќе овозможи поголема вклученост на писателките во програмските активности и за поширока презентација на нивното творештво. Одлуката за формирање на Клубот е донесена по повод 80-годишнината од раѓањето на Даница Ручигај, која животот трагично го заврши во скопскиот земјотрес, на 29-годишна возраст. ДПМ секоја година, на 5 мај, денот на раѓањето на Даница Ручигај, ќе доделува награда со нејзиното име за најдобра книга од писателка, членка на македонската писателска асоцијација.

Друштвото на писателите на Македонија наскоро ќе формира и Клуб на писателите што пишуваат книги за деца и млади со цел стимулирање и поголема афирмација на овој вид литература.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top