| четврток, 6 декември 2018 |

Давид Бабунски: Фудбалот е магична игра што нѐ спои како семејство

Давид Бабунски и неговите соиграчи од репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 21 година утре ќе играат против непоразената селекција на Португалија во петтиот меч за двете репрезентации од осмата квалификациска група за пласман на ЕП 2015.

Во пресрет на квалификациските натпревари, како најава на УЕФА е и интересната приказна за семејството Бабунски. Ги предводи таткото и селектор Бобан, а во составот се постариот син Давид и помладиот Доријан. Ретка ситуација во една иста репрезентација да има тројца претставници од исто семејство, а интересна е изјавата на славеникот Давид, кој пред 3 дена наполни 20 години.

– Пред неколку години фудбалот беше причина да се раздвоиме како семејство. Јас сум член на Барселона, брат ми Доријан е во Реал Мадрид, а татко ми е селектор на младинската репрезентација на Македонија. Тројцата бевме на различни страни, но фудбалот е магична игра и нѐ спои во едно. Сега сме заедно со иста цел, младинската репрезентација на Македонија да бележи што подобри резултати – вели играчот на Барселона Б, Давид Бабунски.

david i dorijan babunski

Утре од 19 часот за нив тројца, но и за сите останати младинци што ќе го носат националниот дрес, е вистинскиот предизвик да се игра против силната Португалија. Европските Бразилци, како што ги нарекуваат Португалците, се вистинска машинерија што гази безмислосно во осмата квалификациска група и има максимален ефект од 4 победи со 12 бода. Македонија е на четвртата позиција со 4 бода.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top