| четврток, 6 декември 2018 |

„Мојата борба“ со потпис на Хитлер продадена за 65.000 долари

Двата тома од идеолошкиот памфлет на Адолф Хитлер „Mein Kampf” со негова посвета, се продадени на наддавање во Лос Анџелес за речиси 65 илјади американски долари, објави аукциската куќа Nate D. Sanders Auctions. Двата тома го носат потписот на Адолф Хитлер со посвета за Јозеф Бауер, еден од првите членови на германската Нацистичка партија и особено близок на подоцнежниот фирер.

1f64e0b7-00bb-4526-9b7f-6f9057e8b69b

Продадени се за 64.850 долари, надминувајќи а повеќекратно процената којашто се движеше околу 25 илјади долари. На наддавањето учествувале единаесет лица, но засега не е откриено кој е новиот сопственик на ретките примероци од делото на нацистичкиот водач.

Во посветите кои ги носат датумите од 1925 и 1926 година, Хитлер му посакува среќен Божик на Бауер, еден од учесниците на неуспешниот преврат во Минхен 1923 година поради што Хитлер бил затворен неколку месеци кога и ја напишал „Mein Kampf” во 1924 година. Постојат инаку мал број примероци од тој период потпишани лично од Хитлер, посветени на најблиските негови соработници.

Во книгата младиот Хитлер ја поставува својата политичка доктрина обвинувајќи ги за тогашната лоша состојба и мизерен живот во опустошената Германија повеќе групи, како Евреите и марксистите.

Откако Хитлер дошол на власт во 1933 година, биле отпечатени милиони копии, а од 1936 година нацистичката власт на сите млади двојки им подарувала по еден комплет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top