| четврток, 6 декември 2018 |

Харп

galijana-184x168

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Ако надојде реката и градот биде преплавен, и ако треба многу брзо да се напушти куќата, што да се земе?

Зависи до каде е водата. Ако излезеш од дома со чамец, и ако чамецот е на надувување, нема да можеш ниту една книга. Можеби лап-топ. Добро е сите важни документи да ти бидат ставени на интернет. И да не преживееш, виртуелно ќе продолжат да живеат податоците за тоа кога си роден, кое било твоето омилено пиење наутро, на пладне, што си сонувал.

Во случај на земјотрес? Познавам жена којашто го преживеала познатиот скопски земјотрес од 1963 година само поради тоа што во мигот кога ѕидовите околу неа почнале да се нишаат лево десно како армоника, таа почнала да се моли. Целат зграда се претворила во пепел, а неа не ѝ фалело ниту влакно од главата.

Кога и да ми ја раскажуваше приказната за земјотресот, мислев за неа дека е Феникс. Потоа во урнатините ги наоѓала своите блиски, и нејзината сторија е од ретките со среќен крај.

Несреќните случаи,пак, особено оние хипотетичките, се изворот на заработка на осигурителните компании.

Другата страна на овие хипотези е превентивното делување.

Превентивата може да појде во две насоки: едната е во насока на перверзија, а другата е за доброто на целото човештво. Така барем рекол Никола Тесла.

Науката е само перверзија доколку нејзината крајната цел не е општото добро.

Карл Саган, пак вели: создадовме цивилизација чијашто основа и најважен темел во целост зависат од науката и технологијата. И тоа, уредена е така, што никој не ја разбира. Ниту науката, ниту технологијата.

Можеби извесно време можеме така да продолжиме, но порано или подоцна, овој експлозивен микс од незнаење и моќ ќе ни се удрат од глава.

Едно од тие незнаења е поврзано со едно многу интересно истражување на Американското воено воздухопловство и морнарица, во Алјаска. Харп.

Постои од осумдесеттите години на 20 век. Систем од антени во којшто се користат високофрекфентни радио бранови за истражување на атмосферата.

Системот популарно се нарекува Харп, и претставува акроним од High-frequency Active Auroral Research Project  –  Програма за истражување на високофрекфентната активна поларна светлина. Во проектот се прават експерименти со цел да се истражат карактеристиките на температурата во јоносферата.

Со овие антени исто така може да се бара нафта. И да се откриваат извори на нафта и гас.

Харпот може да предизвика една природна појава од типот на поплава, земјотрес, цунами, суша и слично. Во тој случај природната појава е повеќе вештачка, помалку природна. Тоа е метереолошко оружје со кое се влијае на временските услови. И се менува климата.

Пустините се претвораат во езера, плодните котлини во пустини. Ефектите од овој ленд арт имаат и нус појави и тоа во областа на човековиот мозок.

Освен што може да лоцира подморници и да му дава киселкаст вкус на дождот, делува на емотивната состојба на човекот. Човек може наеднаш да полуди без видлива причина. Или да боледува од несоница. Или да не може да го поднесе името на својот сосед. Без логично објаснување.

И зад сето тоа да стои овој егзотичен електромагнетен феномен за којшто гласно се молчи.

Најнов  модел на психотроничен револвер со далечинско управување, за една употреба.

Вакви Харп постројки денес има во Русија, Норвешка, Перу…

Работат на копче. Маглата на Итар Пејо за нив е реликт од камено време.

И додека зимата полека но сигурно станува лето, време е за пролетното чистење со или без климатски потреси на мозокот.

Велат дека Харпот лесно влијаел и на зголемувањето на телесната тежина на луѓето. Го зголемува апетитот, и тоа по генетски модифицирани дребулии. Наеднаш на човек му се пријадува портокал без семка.

Крајно време е да се измисли еден Харп што ќе поттикнува позитивни промени кај луѓето. Куќните помошнички да чистат и онаму кај што не се гледа. Квантниот вакуум да го вцица стравот од колективното несвесно. Да се стопи салото на сета прекумерна тежина, а домаќинките да почнат по дефиниција да простуваат.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top