
Колумнист:
Ацо Станковски
Пролетта на Балканот секогаш доаѓа рано. Оваа констатација колку и да е чудна, не доаѓа од умот на некој локален гаталец, какви на Балканскиот Полуостров има многу, туку од едната и единствена ексминистерка за надворешни работи на САД, Медлин Олбрајт. Нејзината воинственост, веќе верификувана од историјата, знаеше во крајно ироничен синкретизам да ги комбинира сознанијата за плановите на „јастребите“ во американската надворешна политика и локалната митологија, поврзана со традиционалниот хероизам на народите и на регионите, врз кои требаше да се извршат специфичните операции на тајните служби и Пентагон. Така, од удобниот амбиент на нејзината канцеларија во Стејт департментот, таа умееше слатко да се пошегува со судбината на малите антропоморфни лабораториски глувци, чијашто улога во големата геостратегиска игра на единствената преостаната суперсила во светот допрва доаѓаше на ред. Но денес, за жал, или за среќа, работите веќе не стојат така. САД од времето на мадам Олбрајт не се веќе истите, тие денес се евидентно потонати во една голема криза, при која рапидно ги губат својата моќ и влијание, а за сметка на овој лош историски резултат по нив, други велесили во светската политика грабаат кон врвот на хиерархијата на планетарно ниво. Овие ривали на единствената суперсила во благо тонење се, секако, Кина и Русија.
Често државите, иако комплексни организми, составени од мноштво институции, кои се задолжени за длабинска анализа на состојбите на сите планови, но и за прецизна рационализација на потезите на соодветната држава, на општо изненадување на умните опсерватори, се однесуваат како суетни персони и влегуваат во авантури, кои на крајот скапо ќе ја чинат нивната супериорна позиција во светската скала на моќ. И токму ваквото однесување го гледаме последниве години од страна на единствената суперсила во заминување, која полека, но сигурно, напуштајќи го највисокото и највлијателното место во светската пирамида на моќта, создава непоимлив и долгорочно нерешлив хаос во сите кршливи и проблематични региони на планетава. САД се однесуваат како љубоморна контеса, која доколку не може да ги контролира своите довчерашни љубовници и лакеи, им го претвора животот во пекол, а оваа субверзивност и конфликтност цинично ја нарекува „пролет“, без оглед на тоа дали овие немири, бунтови или револуции против веќе непослушните влади, се случуваат во зима, есен или во лето. „Ако не можам јас, нема да можат ниту тие“, е девизата на оваа до вчерашна суперсила во заминување.
Така, бевме сведоци на Арапската пролет, која ги претвори во пустош економиите и општествениот поредок на Египет, Тунис, а подоцна и на Либија. Причина за ова, секако, не беше втерувањето на отвореното општество и на демократијата во овие држави, туку, пред сè, немоќта на американската економија на издишување да се бори според правилата на фер игра со брзорастечката и сè поекспанзивна економија на Народна Република Кина. Бездруго, ваквата политика на завист и на злоба е само краткорочно и палијативно решение, чиишто последици ќе бидат катастрофални по угледот и влијанието на САД во овие региони, кои порано или подоцна ќе воспостават релативно одржлив поредок, базиран на прагматичните принципи и на сопствениот национален интерес. Хаосот, кој сега доминира на теренот и ограбувањето на ресурсите на засегнатите држави, во еден момент ќе почне да ја губи својата сила и мотиви – „Пријателството на соучесниците во злосторот трае кратко“ – велат мудрите, а потоа ќе дојде нова и зацврстена хиерархија на субординација и субмисивност, во која ќе се воспостават нови парадигми и консеквенции од нив, а светогледите во светлината на овие препороди на националниот курс на овие држави и народи ќе искреираат системи на консеквентно преиспитување на историјата и нова листа на дистинкции меѓу пријателите и непријателите во меѓународниот поредок. Сосема очекувано е САД да се најдат на непријателската листа на овие земји, и покрај Холивуд и целиот шарм на американската културна пропаганда. Значи, секој обид да се промени фатумот со сила и подмолност, завршува со уште пострашни консеквенции за тој што го прави тоа, а тоа, во случајот, се токму САД – последната суперсила во заминување. Така нивната стратегија станува плитка и краткорочна, како резултат на недостигот од разбирање и тивко и достоинствено повлекување од сцената што, ако ништо повеќе, би ѝ овозможило достоинствен имиџ и конструктивно одржување на релациите со овие нации, кои во даден момент во иднината, повторно би можеле да видат во САД беневолентен џин и посакуван сојузник. Но, вака, како што стојат работите, САД долго ќе бидат запомнети како непријатели и дискриминатори на овие нации.
Наполеон Бонапарта во еден миг на помпезност ќе извика – „По мене, потоп“, што многу пластично би ја илустрирало сегашната позиција на САД, и тоа по цели два века од времето на Наполеон. Сето ова само ни укажува на бавното менување на менталитетот на луѓето и на владетелите, и покрај стравотните технолошки иновации, кои формално, драстично го променија ликот на човечката заедница на планетава.
Но ова тонење на единствената преостаната суперсила на планетава не остана само на Арапската пролет, по овој предизвикан хаос „пролетта“ отиде во Сирија, каде што евидентна стана ужасната политика на светскиот хегемон, но и јасно, дека САД веќе немаат сила за нови авантури од овој тип.
Победени и посрамени, овој пат САД, заедно со својот послушен лакеј ЕУ, до крај ги отворија картите и удрија токму во еден од најневралгичните центри на светскиот баланс на силите, во Украина. Колку романтично, толку и гротескно во исто време, со невладиниот сектор финансиран од западната плутократија, како „Отвореното општество“, на пример, и, секако, за да не недостига мачоистички шарм за „глупавите стада демократски“, тука е и маркантниот боксер Кличко. Ова, денес, ни во најтривијалните филмови на Холивуд не би можело да помине. Но со сите тие платеници на теренот и тоа како поминува, иако не е пролет.
Една стара латинска поговорка гласи – „Nec Hercules contra duos“, што во превод би значело – Ни Херкул (не може) против двајца. Денес САД ќе мораат да се борат против други два гиганта, а тоа се Русија и Кина, чиешто сојузништво е посилно од кога било во современата историја, а тоа сојузништво се зголемува и се зацврстува сè повеќе и повеќе, по секоја нова „пролет“ на американската надворешна политика.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


