| четврток, 6 декември 2018 |

Фердинанд: Роналдо ќе има величенствен пречек од навивачите на Манчестер

Навивачите на Манчестер јунајтед не ги забораваат своите миленици што оставиле длабока трага во клубот,  а Кристијано Роналдо е еден од таквите и затоа мислам дека ќе има величенствен пречек на Олд Трафорд, вели Рио Фердинанд, стоперот на англискиот гигант.

Реал Мадрид предводен од Роналдо, вечерва е домаќин на  Манчестер, во првиот дуел на великаните на светскиот фудбал, од осминафиналната рунда во ЛШ. Реваншот е на 5. март на „Олд Трафорд“.

Роналдо беше член на Манчестер јунајтед од 2003 до 2009 година и играше за „црвените ѓаволи“ на последните два меѓусебни дуели со Реал, во 2003 година. Тогаш „кралскиот клуб“ од Мадрид беше подобар со вкупен скор од 6-5, а незаборавен е дуелот на „Олд Трафорд“што го добија домаќините со 4-3.

-Навивачите на Манчестер јунајтед го сакаат Кристијано. Верувам дека ќе го дочекаат со песна, бидејќи покажа респект кон нив и кон клубот, кога си заминуваше. Дојде кај нас како талентирано момче, а си замина како фудбалер од светска класа- вели Фердинанд.

И тој беше дел од генерацијата на Јунајтед што настапи против Реал во 2003 година.

-Искрено не надиграа во Мадрид и заслужено победија со 3-1. Раул беше извонреден. Тој е најинтелегентниот напаѓач против кого сум играл. Пеколно тешко беше да се чува – се присети Фердинанд на големата пресметка од пред 10 години.

Новата голема фудбалска пресметка на двата тима почнува вечерва од 20,45 часот на „Сантјаго Бернабе“.

Во вториот меч од денешната програма во ЛШ, на „Донбас“ арена во Доњецк, Шахтар е домаќин на Борусија Дортмунд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top