На 14-от меѓународен карневал „Прочка 2014“ што ќе се одржи в недела на празникот „Велики Поклади“ во Прилеп, се најавени околу 2.000 учесници. Според градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески и годинава градот ќе се покаже со добрата организација, големиот број маски и гости од странство на една од најголемите манифестации во градот.
– Прилеп е подготвен за новото 14 –то издание на меѓународниот карневал „Прочка“. И годинава, на централното дефиле на маски, в недела од 13 часот во центарот на градот, ќе продефилираат поединечни и групни оригинални маски, а нема да изостанат ниту оригиналните маски на учениците од прилепските училишта, изјави Ристески.
Ристески нагласи дека карневалот е спој на традицијата и модерното.
– Најзначајната придобивка е токму спојот на традицијата и модерното преку карневалските маски. Се зачувуваат старите обичаи кои се наше културно наследство, а се презентираат на национално и меѓународно ниво, вели градоначалникот Ристески.
На карневалот се најавени маски-гости од земјава и од Србија, од Врњачка Бања, Нови Сад, Шабац, од Перник – Бугарија, од Корча- Албанија.
Според Снежаана Ристеска, советник за култура, маските се оригинални и во тек е пријавувањето за карневалското дефиле.
– Маските се со големи естетски вредности според креативноста. Го претставуваат прилепскиот културен идентитет, рече на денешната прес – конференција Ристеска.
Како што објаснува Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“, градот ќе настапи со неколку нови маски.
– На некои напорно се работи и три месеци. Една група ја прави заедничката маска детално и ќе биде изненадување, вели Георгиев.
В петок во Центарот за култура „Марко Цепенков“ е заедничката изложба на преку 1.000 маски што ги направија учениците од прилепските училишта, а жири ќе ги прогласи најдобрите. Во центарот на градот в сабота прилепчани и гостите ќе ги забавуваат жонглери, пантомимичари и други забавувачи.
Централното дефиле е в недела од 13 часот во центарот на градот. Ќе го предводат мажоретките и градскиот оркестар како и препознатливата маска „Прилепски мечкари“. Стручно жири попладнето в недела ќе ги прогласи најдобрите поединечни и групни маски. Ќе бидат доделени вкупно 15 награди. И годинава ќе биде прогласена најдобрата маска која ќе ја понесе гран при наградата за Најмаска на карневалот „Прочка 2014“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.