Бразил ќе го организира Светското фудбалско првенство во јуни и јули годинава, а организаторите се во паника по најновите проблеми во земјата на фудбалот, самбата и кафето.
Во неделата на дербито меѓу Сантош и Сао Паоло, кое заврши без голови, имаше нови пресметки меѓу навивачите, а еден симпатизер на Сантош го загуби животот.
Насилството на стадионите за време на фудбалските натпревари во Бразил изгледа како нерешлива енигма. Само лани повеќе од 30 луѓе го загубија животот во меѓусебни пресметки на навивачите или во судирите со полицијата. Тој тренд продолжи и во 2014 година, податок што им создава огромни проблеми на организаторите на мундијалот.
Во 2013 година имаше и демонстрации против сиромаштијата, токму за време на одржување на Купот на Кофедереции во фудбал, што беше премиера пред стартот на СП. Сега и полицијата најавува штрајкови, а бунтот ќе биде поради лошите услови за работа и ниските плати.
До стартот на мундијалот има нешто повеќе од 3 месеци, а домаќините ветуваат дека од 12 јуни до 13 јули се ќе биде в ред со фудбалскиот спектакл на најдобрите фудбалски репрезентации на планетата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


