
Пратеникот од ВМРО- ДПМНЕ го обвини градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев дека во деталниот урбанистички план ставил маркица за бензинска пумпа на парцела во сопственост на семејството Заеви и несвојствено за пазарната економија за иста сума парцелата ја продал на „Алма Комерц“ на Ангел Пецов заради изградба на бензинска пумпа на истата.
Тој вели дека за ова сведочат документите од историјатот на катастарската парцела број.
-Сите стопанственици во Струмица ги знаат реалните цени на земјиштето и знаат дека со еден потпис се збогатуваат само корумпирани политичари. За овој конкретен случај на сомневање за постоење на корумпираност во вршењето на функцијата на градоначалникот Зоран Заев ќе ја известиме и Антикорупциската комисија- изјави Гошев.
Тој напомена дека со ова станува евидентно политичкото неморално однесување на градоначалникот Заев кој, како што рече Гошев, користољубиво ја практикувал функцијата на градоначалник.
– Ова дотолку повеќе ја потврдува нашата теза дека работи на лично богатење и богатење само на семејството и на оние околу нив. Исто така, овој случај ги потврдува нашите сомневања дека градоначалникот Зоран Заев е директно поврзан со лица кои се компромитирани во своето стопанско работење, рече Гошев.

Заев ги отфрли обвинувањата на Гошев и најави тужба против него.
-Вистината вели дека „Маркица” и „Локациски услови” за бензинска станица на споменатата локација постојат уште од времето кога истата била во сопственост на лицето Горан Поцков и неговото семејство. Човекот е жив и здрав па може да го потврди тоа што го потврдуваат и документите за сопственост. Во тоа време, јас не бев Градоначалник туку таа функција ја извршуваше кадар на ВМРО-ДПМНЕ- изјави Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


