| четврток, 6 декември 2018 |

Стано: Европскиот извештај не е загрозен

Претстојниот Специјален извештај на Европската комисија за Република Македонија не е загрозен и се очекува да биде позитивен и покрај создавањето на вештачка политичка криза од страна на СДСМ во државата

peter-stano 2Петер Стано, портпарол на еврокомесарот за проширување Штефан Филе, на прашање на дописникот на МИА од Брисел дали Комисијата ќе ја оценува политичката ситуација во Македонија или само работи на заклучоците од последниот Самит на Европскиот совет беше дециден :
– ЕК се уште работи на пролетниот извештај и не би можел да навлегувам во детали што тој ќе содржи, освен што е сигурно дека ќе биде објавен во месец април. Сепак, точно е дека овој извештај се подготвува целосно во согласност со заклучоците на декемврискиот Самит на Европскиот совет, истакна гласноговорникот на Филе.
Одговорот на Стано е спротивен на предвидувањата во македонските медиуми дека е можно Специјалниот извештај на ЕК, кој се најавува дека ќе биде објавен на 27 април да биде негативен. Според извори од ЕК што инсистираат на анонимност, однесувањето на опозицијата во Македонија би можело да го загрози извештајот само доколку нејзиното отсуство влијае на носењето на закони во Парламентот во контекст на усогласување на македонската со европската легислатива. Но, бидејќи македонското Собрание функционира и во него има претставници на опозицијата (ДПА и НДП), а закони што се бараат во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво се усвојуваат (ХЛАД), тогаш единствено што може е во неколку реченици во извештајот да влезе дека “една политичка партија не функционира во Собранието, создава политичка криза и одбива политички дијалог”.
Всушност, во рамки на т.н. ХЛАД се бара и одржување на политичката култура и функционирање на институциите во Република Македонија, но нашите извори од ЕУ потврдуваат дека со оглед на тоа што само недостасува политичка култура и дијалог, а се останато, при што е најважно носењето на закони во контекст на усогласувањето со европската легислатива функционира, тогаш тоа е недоволно да и се одземе препораката на Македонија и земјата да добие негативен извештај.
Во тој контекст е и најавата на портпаролот Стано за скорешна нова посета на Филе на Скопје, што се очекува да се случи идната недела, при што во прв план на неговата агенда се ставаат разговорите во контекст на ХЛАД-от и подготовката на комисискиот извештај.
– Нема прецизен датум кога комесарот Филе повторно ќе го посети Скопје, но сигурно е дека ќе биде во догледно време. Посетата ќе биде во контекст на ХЛАД и подготовката на пролетниот извештај. Познато е дека секогаш кога Филе посетува некоја земја од неговото портфолио, тој издвојува време да се сретне со сите засегнати страни што значи со официјални претставници од Владата, Парламентот, опозицијата и граѓанското општество, дециден е Стано.
Истиот извор потврдува дека ситуацијата што ја создава СДСМ може да биде (зло)употребена во Унијата единствено од страна на Грција или Бугарија на јунскиот Самит на Европскиот совет, каде во недостаток на аргумент поради очекуваниот позитивен извештај на Комисијата и задоволени барања во однос на добрососедство и покажани напори во решавањето на спорот за името, како џокер да го извадат уличното делување и одбивањето на најголемата опозициска партија да се врати во собраниските клупи и да учествува на локалните избори. Со тоа, Грција би промовирале недостаток на политичка култура и кризна состојба во Македонија и тој аргумент би го искористиле да стават ново вето на почетокот на пристапните приговори за членство во ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top