| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Заморот од проширувањето на ЕУ доведе до ретроградни процеси во ЈИЕ

Неодлучноста на Унијата да ги надмине блокадите и заморот од проширувањето доведе до ретроградни процеси во Југоисточна Европа. Наместо да го европеизира Балканот, Европската Унија се балканизираше. Сега е време Европската Унија повторно да се европеизира себеси, а со тоа и Балканот, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој се обрати на конгресот на  „Пан-Европа“, што се одржува во Виена, во организација на Меѓународната Паневропска унија, а по повод 90 години од одржувањето на првиот Паневропски конгрес во 1926 година.

Претседателот Иванов, кој се обрати на панел дискусијата посветена на проширувањето на Европската Унија, посочи на одговорноста што Брисел ја има кон Балканските држави. Во таа насока,  Претседателот апелираше Унијата да најде сила да ја продолжи интеграцијата на земјите од нашиот регион. Укажувајќи дека идејата за отворен и обединет европски континент е неостварлива без интегриран Балкан, а процесот на проширување е значаен трансформирачки фактор за државите во регионот, Иванов ја реафирмираше одлучноста на Република Македонија за членство во Европската Унија.

-Иако, сè уште не сме дел од Европската Унија, ние во Македонија веруваме во Европската Унија. Водени од европската идеја, пред 25 години започнавме да ја градиме европска Република Македонија. Во тој потфат се соочувавме со бројни предизвици. Но, бевме непоколебливи во остварувањето на нашите стратегиски цели. Унијата ни помогна да ги трансформираме нашите институции. Но, поради неодлучноста на Европската Унија, нашата куќа како да остана недовршена, порача македонскиот претседател на конгресот.

Иванов посочи дека неодлучноста на Европската унија и НАТО да ја деблокираат интеграцијата на Република Македонија беше една од главните причини за политичката криза во Македонија што кулминираше оваа година. – На Балканот повторно имаме ретроградни процеси. Реториката меѓу балканските држави од ден во ден се заострува, истакна македонскиот претседател, додавајќи дека поради заморот од проширувањето и привлечната сила на Унијата е опадната.

Осврнувајќи се на состојбите во Европската унија, Иванов порача дека Европските лидери треба да помогнат во градењето механизми за брзо носење одлуки во услови на криза. Посочувајќи дека Европа се соочува со неразрешена финансиска криза, актуелна мигрантска криза и сè посериозната безбедносна криза, Иванов апелираше на потребата од одржливи решенија за проблемите.

– Јазот меѓу заедничките цели на Европската Унија и посебните интереси на државите членки е сè поголем. Се покажа дека бирократските европски механизми не се во состојба да го расчистат патот од натрупаните кризи, рече претседателот Иванов, констатирајќи дека состојбите во ЕУ во моментов не се добри, и дека Унијата мора да најде сила и да одговори на потребите на европските граѓани.

Меѓународната Паневропска унија се смета за најстаро европско обединувачко движење, основано од страна на Ричард Куденхове Калерги, а нејзините членови се залагаат за политички и економски обединета Европа. За својот придонес и активна улога во рамки на Паневропската унија, претседателот Иванов во 2013 година беше одликуван со благодарница од страна на претседателот на Меѓународната Паневропска унија, г. Ален Тереноар. Паневропската унија преку својата парламентарна група во Европскиот парламент, која брои 120 пратеници од речиси сите земји-членки на ЕУ, доследно се залага за промоција на политиката на проширување и исполнување на европските интеграции на Република Македонија. Во 2010 година, претседателот Иванов го одликуваше г. Ото фон Хабсбург, тогашниот претседател на Паневропската унија,  со Орден за заслуги за Македонија за неговите заложби за евроинтеграција на нашата земја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top