
Претседателот на меѓународниот тим Омер Кулиќ потврди дека е завршена новата истрага за падот на владиниот „кингер“ во кој загина претседателот Борис Трајковски.
Комисијата нема да ги претстави наодите на десетгодишнината од трагедијата која се случи на 26 февруари 2004 година, туку тоа ќе го направи во март или во април годинава.
– Истрагата генерално е завршена. Останува да добиеме уште два-три ситни детали, и тоа е тоа – изјавил Кулиќ за „Ал Џазира Балкан“.
Тој не открива дали истрагата оди во правец дека врз Трајковски е извршен атентат како што со години тврди адвокатот Игнат Панчевски, но нагласува дека новата истрага ќе стави крај на случајот.
– Апсолутно. Дефинитивно ќе биде ставена точка на целиот случај. Сѐ е разрешено. Не може веќе да има прашања околу тоа – вели Кулиќ.
Истрагата за падот на „кингерот“ повторно беше отворена во јануари 2013 година на барање на Македонија откако беа собрани дополнителни докази од страна на македонското МВР.
Првата истрага утврди дека причина за падот на авионот била процедурална грешка на пилотската екипа во фаза на слетување на мостарскиот аеродром.
Покрај претседателот Борис Трајковски, во авионската несреќа загинаа и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски, советниците од неговиот кабинет Димка Илкова Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Лозановска, членовите на обезбедувањето Борис Велинов и Аце Велиновски, како и дипломатот од МНР Миле Крстевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


