| четврток, 6 декември 2018 |

Градежните активности на Плаошник се законски, тврдат од Завод и музеј Охрид

plaosnik

Проектот за возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник во Охрид не е никаква тајна и се реализира според проектна програма изработена од Одбор формиран од познати архитекти, историчари на уметноста и археолози, а на јавен меѓународен конкурс  ја доби првата награда, изјави  Тања Паскали-Бунташеска, директор на Завод и музеј – Охрид, надлежен за локалитетот Плаошник.

Оваа јавна установа ги отфрли обвинувањата на општинската организација на СДСМ дека на Плаошник има дивоградби, оценувајќи ги како смислен начин на водење предизборна кампања од страна на опозициската партија.

Според Паскали-Бунташеска, проектот се спроведува со почитување на сите законски прописи, со максимален  квалитет што го контролираат сите потребни надзори: градежен, конзерваторски и археолошки. Таа ги повика советниците од редовите на СДСМ од неа да побараат какви било информации во врска со возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет и рече дека тоа се прави според претходно изработена Локална урбанистичка планска документација, а не според желбите на Министерството за култура на РМ како што изјавија од СДСМ.

– Иницијатива за донесување на ваква планска документација до  општина Охрид поднесе НУ Завод и Музеј – Охрид. По добиената согласност од страна на Секторот за урбанизам при општина Охрид, фирмата „Полог Проект“ од Гостивар изработи Локална урбанистичка планска документација со која беше соодветно урбанизиран археолошкиот локалитет „Плаошник“ врз основа на претходно изработени заштитно-конзерваторски основи – појасни Бунташеска, потсетувајќи дека Локалната урбанистичка планска документација беше едногласно изгласана од Советот на општина Охрид уште во 2010 година, а за неа гласаа и советниците од тогашното општинско мнозинство предводено од СДСМ.

Токму врз основа на Локалната урбанистичка планска документација, додаде таа, биле изработени идејни, основни и изведбени проекти, а Министерството за транспорт и врски во 2011 година, пред отпочнување на градежните работи, го издаде потребното Конзерваторско одобрение.

Бунташеска нагласи дека на Плаошник ништо не се уништува, дека сите остатоци од постари градби откриени при систематските археолошки истражувања, од 2007 година до сега, се вклопени и презентирани во изложбените простори од новите градби, односно веќе се конзервирани и не постои  опасност од нивно уништување.

Директорката на Завод и музеј – Охрид повторно потсети дека во рамки на проектот на Плаошник ќе се изградат 16 објекти, а не 24 како што тврди опозицијата.

На обвинувањата дека се крие извештајот од неодамнешната посета на Комисија на УНЕСКО на Охрид, Бунташеска одговори дека посетата била на покана од министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, додека изборот за тоа што ќе посетат експертите од УНЕСКО бил на самите членови на Комисијата.

– Експертите од УНЕСКО беа задоволни со тоа на кој начин ја вршиме конзервацијата на објектите на кои работиме. Беа одушевени од документацијата која ја имаме за објектите од старото градско јадро. За жал, беа разочарани од големиот број колективни станбени згради кои се изградија во Охрид во последниве неколку  години – истакна Бунташеска. Според неа,  опозициските советници од Охрид манипулираат со некаков документ, наводен извештај на Комисијата на УНЕСКО, за кој тврди дека институциите во Македонија се уште не го добиле, ниту ја знаат неговата содржина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top