ЖРК Вардар СЦБТ в сабота, во 18 часот, во СЦ „Борис Трајковски“, во рамките од третото коло од Лигата на шампионите, го игра натпреварот со Митјиланд. Со победа вардарки ќе направат чекор до место кое води на завршниот турнир од ова натпреварување во Будимпешта.
„Црвено-црните“ водат во групата по две кола со една победа и еден пораз. Со победа ќе докажат дека заслужуваат да играат во Будимпешта.
– Митјиланд е тим кој долги години со успех настапува во Лигата на шампионите. Порано беа познати под името Икаст и доволно се знае за нив. Тие се носители во групата и се фаворити за едно од двете места кои водат на завршниот турнир. Играат брз ракомет, типично дански. Во претходните два меча ние не го одигравме тоа што го знаеме. Цела недела посебно се спремаме за овој натпревар. Тренираме одбрана за да не се повторат грешките од минатиот натпревар. Во тимот нема повредени и се подготвени да го дадат максимумот – изјави Индира Кастратовиќ, тренерот на ЖРК Вардар.
Една од најдобрите играчи во составот, Французинката Алисон Пино, најави борба до самиот крај и со позитивна енергија сите девојки ќе влезат во овој двомеч. По домашниот меч против Митјиланд во третото коло, вардарки гостуваат на теренот на противникот.
– Фокусирани сме на натпреварот. Ќе биде тежок натпревар познавајќи ја екипата на Митјиланд. Сите со нетрпение ја очекуваме сабота – додаде Пино.
Од таборот на Вардар најавуваат дека откако се пуштени во продажба билетите за натпреварот интересот е голем и се надеваат дека салата ќе биде исполнета до последното место. Од натпревар во натпревар интересот е сѐ поголем и на мечевите на ЖРК Вардар доаѓаат сѐ повеќе вљубеници во овој спорт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.