| четврток, 6 декември 2018 |

Владата на БиХ заседава тајно, полицијата не може да ѝ гарантира безбедност

bosna vlada

Продолжуваат протестите на незадоволните граѓани во Босна во моменти кога дел од владејачката структура во кантоните поднесува оставки.

Федералната Влада денеска заседаваше на тајна локација, а зградата на претседателството претпладнето беше евакуирана.

Оставки досега поднесоа четворица кантонални премиери, началникот на полицијата во Мостар и директорот на Дирекцијата за кооординација на полициските тела, Химзо Селимовиќ.

Вработените изнесуваат сè од зградата, симнуваат завеси, а пред владата има возило на протипожарната служба.

Заедно со вработените, зградата ја напуштил и претседавачот со претседателството на БиХ Жељко Комшиќ и потпретседателот на Федерацијата БиХ, Мирсад Кебо.

Демонстрантите собрани пред pретседателството изнесоа свои барања – оставка на Владата на Федерацијата БиХ, укинување на кантоните, намалување на сите примања на парламентарците за 50 проценти, смена на директорот на пензискиот фонд, зголемување на пензиите, примања за невработените и укинување на работата на црно.

Според сараевски медиуми, во моментот се формира преговарачки тим. Меѓу демонстрантите се бараат високообразовани луѓе, кои ќе ги претставт нивните барања, но истакнуваат дека ќе разговараат тогаш кога ќе поднесат оставки.

Поради преоптоварени сервери не е можно да се прочитаат вести на дел од медиумите во БиХ.

„Дневни аваз“ објави дека од зградата на претседателството на БиХ се изнесуваат документацијата и компјутерите бидејќи вработените добиле такво упатство. Дел од документацијата службениците ја носат во подрумите, а дел со автомобили во непознат правец, додава весникот.

Полицијата, според „Јутарњи лист“, ги евакуирала службениците бидејќи не можеле да им гарантираат безбедност. Во зградата денеска дошле и Бакир Изетбеговиќ и Жељко Комшиќ, но им било кажано дека не може да им биде гарантирана безбедноста.

Министерството за образование испратило инструкции до сите училишта според кои наставата ќе се одржува, но со засилени дежурства.

Во Зеница околу 300 луѓе протестираат барајќи, меѓу другото, и укинување на кантоните и намалување на државната администрација.

Владејачката Партија за демократска акција и Социјалдемократската партија на БиХ, соопштија дека во ваква ситуација единствена опција се вонредни избори, но во Уставот на БиХ не се предвидува можност за вонредни избори.

Протести се закажани за денеска попладне во Мостар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top