| четврток, 6 декември 2018 |

Владата ќе покрива половина од трошоците за отворање бизнис во руралните средини

Граѓаните што ќе се решат да отворат бизнис во руралните средини ќе добиваат финансиска поддршка од Владата во висина од 50 проценти од трошоците за почнување бизнис

99354336
Поддршката се однесува на отворање каков било бизнис почнувајќи од најмалите, како автомеханичарски работилници, сервизи за миење возила, фризерници и занаетчиски дуќани, сè до преработувачки капацитети и погони за производство на малите и средните претпријатија.

За оваа цел Владата ќе одвои околу четири милиони евра, а процените се дека на овој начин ќе може да се отворат повеќе од илјада мали работилници и да се реализираат најмалку илјада вработувања.

– Досега оваа мерка за 50 проценти поддршка важеше само за набавка на земјоделска механизација. Од оваа година Владата реши да ја прошири оваа мерка и со неа да ги опфати и услужните дејности и сектори. Значи, сега нема да има граница на поддршката во однос на нејзиниот опфат и поврзаност со земјоделството, туку полето за отворање бизнис е нелимитирачко и може да ја опфати која било стопанска дејност, со исклучок на медицината и фармацијата – истакна на денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Според него, на овој начин Владата дава сериозна поддршка за развојот на македонските села и на овозможувањето услови за економска егзистенција на луѓето што живеат во нив.

За оваа финансиска поддршка ќе може да конкурираат сите физички лица, трговци, поединци и мали и средни претпријатија во македонските села и градовите со население помалку од 30.000 жители.

Во текот на март или на април ќе биде објавен јавниот повик за аплицирање на овие средства на кои секој заинтересиран ќе може да достави деловен план до Агенцијата за рурален развој и поддршка на земјоделството. По разгледување на бизнис-планот и негово прифаќање ќе биде склучен договор меѓу корисникот и Агенцијата и согласно договорот на лицето ќе му бидат исплатени парите во висина од 50 проценти од вредноста на бизнисот.

Ѓорѓиев ги повика сите заинтересирани да ги искористат поволностите што ги нуди оваа владина мерка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top