
Колумнист:
Ацо Станковски
Понекогаш човек, зачуден од жилавоста на опозициската елита во борбата за власт, се чуди, од каде им толку капацитети и кондиција и натаму да претендираат на освојување на механизмите на владеење, кога се така темелно раскринкани и дискредитирани од безмилосните по нив, историски процеси, кои ја раздробија нивната идеологија, нивното вјерују во парампарчиња? Одговорот е секогаш ист и произлегува од лукративните слоеви на нивната предаторска природа, а тоа се парите, кои, благодарејќи на нивните транзициски вештини ги имаат во изобилство. Сетете се само како дојдоа до нив. Најпрво, по Втората светска војна, кога ги истребија вистинските борци за слободна Македонија, извршија драконска експропријација со поддршка на небулозните препораки од најсуетниот од сите филозофи, кој се дрзна да го менува светот, како да има божествени ингеренции – експропријација на експропријаторите. Марксовата филозофија доживеа најтежок можен пораз од историската вистина, таков идеолошки и филозофски пораз досега доживеала само Инквизицијата од најопскурниот период на католицизмот. Оваа експропријација, видена од историска дистанца не е ништо друго, туку една дрска и безмилосна кражба на имотот на народот, кој се затекнал во канџите на оваа, таканаречена комунистичка елита. Оправдувањата, од типот – државна или општествена сопственост имаат малку вистинитост, со оглед на историското искуство. Впрочем, епилогот на комунистичката авантура упатува на најзастрашувачки конклузии, посебно кога ќе се земе предвид присвојувањето на општествениот капитал од страна на тие исти структури на комунистичкиот тоталитаризам, поточно, нивните наследници и слуги, нивните кодоши и соработници од времето на таканаречената транзиција на колективните богатства и на политичкиот систем. Ете ја кражбата на столетието, ете од каде им толку финансиски потенцијал за да водат нови и нови предизборни кампањи и да вегетираат помеѓу двата изборни циклуса, иако трпат нови и нови тешки изборни порази, без било какви изгледи да се вратат на власт, минимум следните неколку децении, а што е најверојатно – Никогаш повеќе.
Нивната дискредитираност пред народот и историјата не ѝ пречи премногу на нивната бесловесност и дрскост, одново и одново да се појавуваат на политичката сцена со застрашувачка неосетливост и бесрамност, како да се работи за детска игра. Доколку не би биле толку нереално амбициозни, сигурно одамна би ја напуштиле политичката сцена со длабоко покајание, но тука имаме сосема спротивен ефект. Наместо засраменост и каење и консеквентно напуштање на општествената сцена, на која оставија толку многу несреќа и злосторства, тие стануваат сè побесни, сè поагресивни и сè подрски за да се закотат на позициите, кои едноставно не се, и не можат да бидат испразнети за нив, освен ако не сакаме да видиме репризи на сите оние Гулази, Голи Отоци и останати места за тортура и ликвидација на сите оние, кои не се согласуваат со нивната анимална и канибалистичка идеологија.
Денес изборот на електоратот во Република Македонија е едноставен и јасен. Ова секако не се должи на перфекцијата на курентните владетели, кај кои по добро спроведена анализа ќе видиме безброј неспретности, недоследности, корупција, глупост, суета, незнаење, ригидност, простотилак, некултура, популизам, лош вкус, лукративност, политиканство, авторитаризам, непотизам, провинцијализам и несвесност за современите општествено-политички текови, како и сомнителни демократски капацитети при водењето на нивните политики, но компаративно, такви какви што се, разликите се колосални и неспоредливи. Тоа се разликите кои ги гледаме помеѓу човекот и животните. Тоа се разлики кои се гледаат веднаш, на прв поглед и без двоумење. Кај курентните владетели во Република Македонија гледаме волја за нешто конструктивно и креативно, и што е најважно, гледаме напор и посветеност од нашата држава да се направи една, колку-толку поднослива демократија и одржлива економија. Сето ова е и тоа како воочливо, а ова го гледам и тврдам како најобичен маргинализиран граѓанин во однос на политичката моќ, која најискрено ви велам – Никогаш кај мене не будела никаква желба за партиципација и практицирање, со целиот респект кон сите актери на политичката сцена, кои имаат добри намери и креативност за оваа неверојатно контроверзна дејност.
Затоа треба добро да се размисли и длабоко да се преиспитаат сите аспекти што ги карактеризираат политичките групации на нашата општествена сцена. Пред сè, консеквентно треба да се ослободиме од нереалните носталгии по минатите времиња, кога затапеното граѓанство од константниот идеолошки дрил, кој генерираше овчедушие и вулгарен колективистички етос, во кој секој простак и пролетер требаше да претставува парадигма во општеството, ги мезмерира луѓето и ги претвори во наивни статисти со благонадежна насмевка на задоволство што допрва ќе дојде, веројатно со така проектирано исчекуваниот комунизам. Да се разграничат аспектите на одвеаната младост и поминатиот живот од угнетувачкиот систем на репресивниот тоталитаризам, и секако од харизматичкиот, но предаторски ориентиран диктатор. Да не беше така, ќе имаше повеќепартиски систем, а припадниците на другите политички концепти немаше да бидат прогонувани и екстерминирани. Но, сето тоа не е така лесно, пред сè поради егоистичкиот карактер на личните искуства и пред сè, поради мачното преиспитување на сегментите од историјата, кои бараат трезвение и дистанца, а што е најважно, и емпатија за оние кои пострадаа, затоа што не сакаа да бидат дел од хипнотизираното стадо, кое ги изгуби сите хумани атрибути под дејството на оваа најнечовечна од сите идеологии во историјата на човештвото. Затоа пристапете ѝ на компаративноста и низ овој процес на споредување да ја согледаме длабоката, но и потресна вистина за драматичните патеки на историјата – таа наука над науките, тоа сведоштво на сведоштвата, тоа искуство, сублимирано во единствената Божествена вистина. Нека суетните итреци не ве прелажат со своите маски на хуманост, зад кои дрочат ненаситни сурати, со своите цитати на знаењето и мудроста, исто така украдени од некои други и далечни личности, и конечно, со нивните слаткоречиви ветувања, кои никогаш нема да се остварат, а всушност служат одново да ве намамат во нивната кланица, каде сите, што не припаѓаат на нивната политичка опција и нивната канибалска идеологија, завршуваат како заклано месо на нивниот пазар на суети.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


