
Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Да купиш билет деновиве за Сочи е невозможно. Веднаш си осомничен за можен терорист. За разлика од овие инклузивциве од Канада, цариниците ќе бараат експлозив во твојата паста за заби. И смеса за хидрогенска бомба во сенката за очи. Без разлика дали си невин, ќе најдат сè што треба за да те прогласат латентно виновен. Кој ја шмиргла пресумпцијата, важно е да се задоволат високите стандарди на современите потреби од терористички маркетинг.
Да не беше бесмртен, Зевс сигурно ќе се превртуваше во гроб, гледајќи ги овие терористички предигри и олимписки заткулисни игри.
За потребите на 22. Зимски игри, Олимпија се пресели на својата парцела во близината на Кавказ. Во убавиот Сочи на црноморскиот брег, Русија веќе троши 51 милијарда долари.
Градот е толку преполн со војска и обезбедувањето има толку многу работа, што никој не може да рече дека овие игри не се случуваат во воени услови. Чија безбедност е толку загрозена? Дали терористите се мит што го измислува глобалната власт и го активира по потреба, особено во мигови кога треба да се посее страв кај населението на оваа планета, и да се стави на знаење кој е главен?
Некако во тој контекст е и еден филм на Стивен Спилберг „Минхен“(2005), снимен според книгата на канадскиот новинар Џорџ Јонас. Неколку номинации за „Оскар“ и контроверзни критики, филмот говори за масакрот на израелските атлетичари – учесници на Олимписките игри во Германија во 1972 година. И тајната одмаздничка операција (Божји гнев) на израелската влада, во која се пронајдени и убиени припадниците на „Црниот септември“.
Како и да е, она што требаше да личи на спорт, започна, како и обично, со антитерористичка кампања, што вака или така ви ги размрдува инертните вијуги во мозокот и ве тера да се запрашате: кој е снаа во приказната и на што треба да се потсети?
Војската во Сочи боде очи. Игри, и г р и или нешто многу посериозно…
Сети се снао на руски начин.
Неколку дена пред почетокот на Игрите, Путин најави дека нема да им покажеме слабост на терористите бидејќи тие тоа и го сакаат.
Сублиминалното упатство на таквата изјава на претседателот на Русија би водело во сосема обратна насока од пораката на самата изјава. Точно е дека нема да покажеме слабост, но обезбедувањето ќе биде до таа мера засилено, што не дај боже да исчепкаме некаков заскитан терорист! Од него нема да остане ни еден пердув, ќе го претвориме во антиматерија.
Обама веднаш се приклучи кон честитките давајќи им благослов на своите граѓани слободно да одат во Сочи, без да се плашат дека би можело да се повтори тоа што се случи на Бостонскиот маратон минатата година. Сети се снао на американски начин: одете, ама вие си знаете…
Што е тоа што се измолкнува од контрола?
Терористите се заканија преку интернет каналот „Јутјуб“. На „Фејсбук“ се објавуваа фотографии од сомнителни црни вдовици, шкорпии и слични лазечки структури.
Чиј е „Јутјуб“?
Дали овие закани намерно беа ставени на очиглед на сите, како еден вид кондициски тренинзи за измивање на совеста ако се случи нешто слично на кулите-близначки во Њујорк пред 13 години?
За кого и во чие име се жртвуваат стотици и илјадници невини човечки животи, под изговор на одбрана од терористички напади?
Освен тоа, руската држава донесе специјални закони и почна пропаганда против хомосексуалците.
Еден канадски институт за заштита на „различностите и инклузивноста“, сними ваква реклама: „Игрите од секогаш биле по малку ’геј’. Да се потрудиме да останат такви…“
Какви?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


